Во новата фабрика на Audi во Кина ќе се произведуваат шест нови модели со електричен погон, конструирани врз новата платформа PPE, што ќе ја користи и Porsche за своите идни модели со погон на струја. Изградбата на фабриката во Чангчун почнува веќе во мај. Има новини и за матичната фабрика во Инголштат. Таму веќе почнуваат подготовките за новиот Audi A6 e-tron.
„Испланиравме голема офанзива на кинескиот пазар“, изјави шефот на Audi, Маркус Дисман, при денешното објавување на деловниот биланс за минатата година. „До 2025 година ќе претставиме шест нови модели“. Сите шест модели ќе бидат електрични. „Тоа е првиот голем бран од електро-офанзивата што ќе ја форсираме во Кина.“
За новите електрични модели се гради и нова фабрика, заедно со новиот партнер FAW. „Почетокот на изградбата на фабриката во Чангчун е планиран за мај“, најави Дисман. Audi во јануари основаше ново заедничко претпријатие со FAW, каде што Audi првпат располага со главнината од акциите. Производството таму ќе стартува во 2024 година. „Тоа за нас е следната голема пресвртница“, изјави Дисман. Во фабриката ќе се произведуваат електрични автомобили врз основа на платформата PPE, што Audi ја разви заеднички со Porsche.
Во Инголштат уште од следната година ќе започне производството на првиот модел врз новата платформа PPE. „Првиот е-модел што ќе се произведува во Инголштат е A6 e-tron“, најави Дисман. За таа цел ќе се приспособи една од трите производствени линии во матичната фабрика. „На една лента тогаш ќе се произведуваат само електрични модели.“ Работите веќе се започнати. „Моментно се вршат преправки на старата каросериска линија за A3.“
Кусо по Audi Q6 e-tron, од фабриката во Инголштат ќе почне да излегува и вториот модел врз платформата PPE. Porsche исто така ќе стартува со новата платформа – кај новата генерација на Macan.
















