Партнерството меѓу Seat и шпанскиот гигант Iberdrola ќе обезбеди енергијата во севкупниот процес на производство и експлоатација на автомобилите да потекнува целосно од обновливи извори. Покрај тоа што ќе испорачува зелена струја во производството во Seat, енергетската компанија ќе учествува и во изградбата на мрежа од електрични полначи ширум земјата.
Производителот на автомобили Seat, енергетската компанија Iberdrola и групацијата Volkswagen здружено ќе работат за електромобилноста во Шпанија да напредува уште побрзо. Главната цел на соработката е испорака на „зелена“ струја за производството и експлоатацијата на автомобилите, како и изградба на широка мрежа од станици за полнење ширум земјата.
Iberdrola ќе испорачува струја од обновливи извори во фабриките на групацијата Volkswagen на Иберискиот Полуостров – освен во Марторел, фабрики постојат уште во Памплона (Polo, T-Cross), Барселона (пресувани делови и возила), Ел Прат де Љобрегат (преносници), како и во Португалија (Сетубал, Seat Alhambra, VW T-Roc, VW Sharan). Алијансата може да го прошири делувањето и во други држави.
Втората цел е изградба и развој на мрежа од електрични полначи во земјата. Партнерите поаѓаат од претпоставката дека со напредокот на електромобилноста, до 2030 година ќе бидат потребни 350.000 електрични полначи во градовите и долж патната мрежа. Iberdrola ќе ја гради оваа мрежа, вклучувајќи брзи и ултрабрзи електрични полначи (HPC).
Шпанија има огромен потенцијал да прерасне во јадро на електромобилноста во Европа, а во таа насока ни е потребно да ја трансформираме втората најголема автомобилска индустрија во Европа.
Др. Херберт Дис, извршен директор на групацијата VW и претседател на управниот одбор на Seat
Iberdrola до 2030 година ќе вложи 150 милијарди евра за трикратно зголемување на капацитетот на производство на енергија од обновливи извори и двојно зголемуање на мрежата за дистрибуција на таа енергија. Само во Шпанија за таа цел до 2025 година ќе бидат вложени 14,3 милијарди евра.
















