Фирма од Калифорнија измисли превозно средство за луѓе што сакаат да возат на струја, но автомобил им е прескап, мотоцикл пребрз, а велосипед пренапорен.
Малечкиот скутер со погон на струја Urb-E по користењето се склопува за миг и може да се влече насекаде како обичен патен куфер. Неговите изумители сега бараат инвеститори што ќе вложат во производството и комерцијализацијата на производот.
Постојат две изведби на Urb-E, едната со две, другата со три тркала. Првата изведба е малку побрза, додека втората е постабилна за возење. Обете изведби постигнуваат до 24 километри на час и со полни батерии се возат до 32 километри. Тежината од 13 килограми не би требало да претставува проблем. Во склопена состојна Urb-E има димензии 40 х 40 х 91 сантиметри и според тврдењето на неговите изумители тоа е најкомпактното електрично возило во светот.

Верзијата со три тркала има дополнителна преграда за пренесување на помала ташна или ќеси од шопинг. Држачот за паметен телефон со полнач е стандард кај обата модела. Преку апликацијата за мобилен, корисникот може во секое време да се информира за наполнетоста на батеријата или за брзината на возење. Телефонот воедно служи и како клуч за користење на мини скутерот.
Доколку во догледно време се јават инвеститори, Urb-E може да се најде во продажба веќе наесен. Цената во продажба би изнесувала 1.200 евра.
















