Продукцијата од 200.000 возила го уништува имиџот на Porsche

Експертите стравуваат дека очекуваното производство од 200.000 возила во текот на оваа година може да го загрози имиџот на Porsche како луксузна марка.

Со воведувањето на новото теренско возило Macan во моделската понуда, производителот од Штутгарт може наскоро да се престигне самиот себе. Спортската марка може да ја достигне поставената цел за производство на 200.000 возила уште во текот на оваа година, што би било три години порано од предвидувањата. Се шпекулира дека поради тоа, Porsche веќе работи на нова стратегија, што ќе ја замени досегашната „Стратегија 2018“.

Светските експерти веќе дискутираат до каде може да продолжи зголемувањето на продукцијата на Porsche без да се загрози ексклузивниот имиџ на марката. Познатиот експерт Штефан Брацел од Центарот за автомобилски менаџмент укажува на опасноста од „растегнување“ на марката, доколку Porsche влезе во сегментот на возила од пониските класи. Според Брацел, „тоа ќе го уништи имиџот на основните модели“.

Според аналитичарите, Porsche уште во текот на оваа година ќе ја надмине бројката од 200.000 произведени возила. Во минатата година спортската марка што му припаѓа на концернот Volkswagen забележа историски рекорд со 162.000 продадени возила. Доколку продолжи позитивниот тренд, продажбата на Porsche во 2018 година ќе достигне 230.000 возила.

Толку голема продукција може да повлече опасност од заситување на пазарот и создавање на залихи од возилата, што би значело крај на митот за Porsche. Во моментот кога произведените возила ќе останат да лежат на плац, имиџот на ексклузивна марка ќе биде урнат засекогаш. Во следните месеци ќе се разговара за воведувањето на шестата моделска серија на Porsche, веројатно помала верзија на купето со четири врати Panamera.

Претходна објаваТест • Ford Focus 1.6 TDCi Trend
Следна објаваКалифорнискиот Urb-E: Електричен велосипед од куфер

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here