за ,

Тест • Ford Focus 1.6 TDCi Trend

Ford Focus е актуелниот победник во вечниот тробој на германските компакти со цената од 14.000 евра за дизелска лимузина, како пресуден „квалитет“ во овие времиња. Секако, и другите квалитети не недостигаат.

Човек треба да има разбирање за тоа што на Ford Focus му се очитува нетрпеливото исчекување да појде, да се стави во возење и да се докаже. И по три генерации на компактот со модрата слива во маската уште зачудува како е можно инженерите одново и одново да пронаоѓаат простор за агилноста на Focus да ја унапредат до следното ниво. Првиот Focus беше подеднакво остар во возење, каков што беше и во дизајнот, вториот додаде и комфор во збирот на квалитети, а третиов повторно се подобрува и во динамиката и во комфорот во возење. Тоа е веќе двоен напредок.

Во Ford е традиција подвозјето постојано да се унапредува

Ако кај другите марки традицијата значи неоттргнување на вкоренетите навики во дизајнирањето и осмислувањето на возилото, кај Ford и кај Focus традицијата е во постојаното унапредување на подвозјето. И не само кај Focus. Иако при премиерата на моделот во 2011 година инженерите тврдеа дека подвозјето е преземено од претходникот, многу работи се имаат сменето.

Горните држачи на предните амортизери ги спојува попречен стабилизатор, што е сокриен во изолацијата на челниот ѕид на кабината. Тоа ја зголемува цврстината во ова подрачје за 50 проценти и обезбедува попрецизно чувство во управувањето. Надолжните водилки се олеснети, исто како и помошната рамка, се користи шуплив и со тоа полесен стабилизатор, амортизерите имаат нова технологија на вентили, геометријата е преработена и со поширока трага, нови се и лежиштата, потивки и поеластични.

Во истата насока е променета и задната оска: Подебели амортизери, подебели лежишта во главчините на тркалата за подобро држење правец, нови точки на потпирање на стабилизаторот за спречување на потскокнувањето и потонувањето на каросеријата при забрзување и сопирање, модифицирани еластокинематски елементи за намалување на бучноста и вибрациите – тоа веќе не е истото подвозје.

Динамичните возни својства всушност го релаксираат возачот

Сите овие промени се чувствуваат во возењето. Носот на Ford Focus се лепи во свијоците како муцка на јазовичар што следи трага, а очекуваното подуправување упорно доцни и возачот останува во надеж дека тоа можеби ќе се појави во следниот свијок, што ќе се фати побрзо и потврдоглаво. Дури и ако тркалата некогаш почнат да бегаат надвор од свијокот, тоа ќе се случува толку меко и толку контролирано, што на возачот му останува време да реагира уште пред сензорите на контролата на стабилноста да сфатат што се случува.

Искусните возачи во тие ситуации ќе се посомневаат дека Ford Focus има блокада на предниот диференцијал. Има, но не класично механичка, туку електронска. Кога на излез од свијок ќе се притисне посилно врз гасот, внатрешното тркало место да пролизгува бива потсопрено од контролата на стабилноста, оставајќи поголемиот дел од вртежниот момент да се пренесе на надворешното тркало во свијокот, на тоа што има подобра тракција во моментот. Тоа што Volkswagen го вградува со доплата или само во спортските модели, кај Ford следува стандардно, како опрема што се подразбира, небаре е централна брава.

Соперник што умее подобро уште не се родил

Другата страна на медалот? Нема! Овие спортски својства што обично се „купуваат“со тврдо и гласно подвозје, во Focus следуваат во комбинација со комфор како на американска лимузина од златните времиња. Без разлика дали во возилото е само возачот или целото семејство со багажот и независно дали подлогата подготвила последувателни ситни или една поголема дупка, основата на Focus останува недопрена, незаинтересирана. Соперник во компакт класата, што ќе умее подобро од ова, уште не е роден.

Лимузинската форма, пак, како да е родена за нашиот регион. Купувачите во регионот на Централна и Југоисточна Европа повеќе ја преферираат класичната триделна форма отколку практичната комбилимузина со петта врата. Добро е тоа што во меѓувреме и дизајнерите се подобрија и повеќе ја почитуваат лимузината, за разлика од порано кога багажникот изгледаше како да е насаден. За неа се доплаќа 400 евра над комбилимузината и достапна е дури од второто ниво на опрема Trend. Лимузината е воедно и најаеродинамичната форма на каросерија во актуелната гама на Focus, со коефициент 0,274, односно десетина проценти подобро од претходникот.

Малку проблеми со нискиот отвор на багажникот

Мал и не само козметички недостаток на триделниот Focus е токму делот што треба да биде најсилната страна, багажникот. Тоа не се однесува на неговата големина, кој со 475 литри е на нивото на класата, туку на висината на отворот. Куфер со стандардна големина не може да се натовари во багажникот во исправена положба, туку мора да се легне. Тоа е сепак вообичаен проблем кај компактните лимузини што се подредуваат на струењето на ветрот. Комбилимузината со голем заден капак е попрактично решение во овој случај – меѓу обете каросериски форми ќе решава или изгледот или практичноста. Во понуда е и третата изведба, комбито Turnier, со максимално 1.502 литри со соборена клупа и доплата од 600 евра.

Во поглед на просторноста во кабината не постои разлика меѓу лимузината и комбилимузината. Во споредба со конкуренцијата, Focus е во средината, повеќе поради настојвуањето на дизајнерите да се обезбеди поинтимна врска меѓу патниците и возилото, отколку поради недостатокот од слободен простор. Спортските возачи ќе бидат најреќни од таа интимност, за којашто дополнително придонесува и закосената средишна конзола.

И дизелот е вреден како подвозјето

Во оваа спрега меѓу традиционална семејна каросерија и спортски агилно подвозје треба да се најде и познатиот дизелскиот мотор Duratorq во верзијата со зафатнина од 1,6 литар и моќност од 95 КС. Моторот е оптимиран во насока на намалување на потрошувачката и подобрување на култивираноста во работата, преку пакет мери кои досегаат од пониска компресија, поголем пречник на коморите, смалено вртложење или инјектори со повеќе отвори, до помал турбополнач за побрза реакција.

Култивираноста и расположеноста за високи вртежи се меѓу највпечатливите обележја на овој дизел. Додека другите дизели губат здив уште при 3.500 вртежи, TDCi продолжува без колебање уште илјада вртежи повисоко, и спротивно, повлекува рано, самоуверено, и добро хармонизира со шестстепениот менувач со прецизни одови и правилно распоредени степени на пренос.

Отпаѓа двоумењето меѓу дизел или бензинец

Најголемата сензација на Ford Focus 1.6 TDCi Trend е сепак во цената. Место за редовните 17.300 евра, Ford го нуди овој модел на македонскиот пазар по цена од 13.650 евра во комбилимузинската изведба. Со тоа отпаѓа во вода стандардното двоумење дали е подобро да се избере поевтиниот бензинец, кој ќе троши повеќе и подоцна може да се префрли на плин, или поскапиот дизел, кој е поштедлив и ќе вреди повеќе на пазарот на користени возила. Оваа понуда не е ништо друго туку гласно и јасно „Купете дизел“ – што се прифаќа со одушевеност на нашиот пазар каде што дизелот се цени по традиција.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Еден коментар

Одговори
  1. Точно е тоа за цената на возилото, но за да имате добра анализа треба да проверите колку чинат резервните делови за форд , колку чини сервисот, кога ќе го видите тоа ќе ви стане јасно зашто цената е ниска ,пример пумпа за гориво чини 500евра.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

David Brown е новата престижна марка на Британците

Продукцијата од 200.000 возила го уништува имиџот на Porsche