Според рангирањето на американската консултантска куќа Интербренд, Mercedes-Benz е рангиран на 8-то место, во конкуренција на сите светски брендови воопшто, и најдобар меѓу луксузните автомобилски марки. Неговата вредност е проценета на нешто повеќе од 49 милијарди американски долари.
Марката Mercedes-Benz отсекогаш ја спојувала моќта за иновации со амбицијата, на клиентите да им се понуди единствено и незаменливо доживување на мобилноста во луксузната класа – така во Штутгарт го толкуваат повторниот успех на марката со трите краци, да се пласира највисоко во рангирањето на вредноста на името, според Интербренд.
Бетина Фецер, директорката за маркетинг на Mercedes-Benz AG, објаснува подетално: „Повторниот пласман во Топ 10 на годинешниот ‘Best Global Brands‘ е гордост на целиот тим на Mercedes-Benz и покажува дека и во четвттата година во низа можеме да ја одбраниме нашата позиција како највредна луксузна автомобилска марка во светот.“
Американската консултантска компанија Интербренд истражува и анализира за највредните марки во светот уште од 1999 година. По 21-ви пат, студијата „Best Global Brands“ ги рангира стоте највредни компании. За вредноста се оценува според три критериуми: Финансиски перформанси на производите или услугите, улогата на марката во процесот на избор на купувачите и колку марките се сигурни дека и во иднина ќе ѝ донесат профит на компанијата.
Mercedes е највредна премиум автомобилска марка и единствена со европско потекло во Топ 10 на Интербренд. Прва во автомобилскиот сектор е Toyota, на седмото место во генерален пласман, односно едно место пред Mercedes. Вечниот ривал BMW е на 11-то место, пред Honda (20), Hyundai (36), Tesla (40), Ford (42), Audi (44), Volkswagen (47), Porsche (55), Nissan (59), Ferrari (79), Kia (86), Land Rover (93) и Mini на 95-то место.
















