Пикапите одиграа важна улога за пазарот да стекне доверба во возилата на Great Wall. Кинескиот концерн повторно се обложува на таа карта и со новиот пикап Poer ќе ја пробива марката пошироко на светскиот пазар. Првите извозни пазари на коишто ќе вози пикапот се Австралија, Јужна Африка, Саудиска Арабија и Чиле.
Меѓу моделите што Great Wall Motors ги изложи на неодамна завршениот салон на автомобили во Пекинг беше мошне впечатливо присуството на пикапите од концернот. Кинескиот производител го искористи настапот на Ауто Кина 2020 за да го означи почетокот на новата стратегија, со којашто во иднина ќе се постави како светски влијателна компанија за мобилност, којашто ќе става нагласок и на технологијата и квалитетот.
Пикапите се водат како посебна марка во квартетот од концернот, што го сочинуваат СУВ-марката Haval, премиум марката Wey, електричниот специјалист Ora и секако GWM Pickup. Новата генерација на пикапот од серијата P отсега ќе се води како серија Poer на извозните пазари, што асоцира на Power (моќ), а воедно се поврзува и со традиционалниот лик во кинеската култура Пао.
Името на серијата Poer е акроним од „Powerful, Off-road, Enjoyable and Reliable“ и ја претставува целта на GWM да создаде возило што е моќно и во механички и во практичен поглед, што е способно за возење по терен и поседува интелигентни можности за поврзување.
Патничката изведба на пикапот Poer што ќе се нуди на нови пазари за Great Wall Motors ширум светот, моделот цели на горниот крај на понудата во сегментот
Новата генерација на пикапот стартуваше со продажба во Кина лани во септември и досега постигна близу 100.000 продажби. Марката во минатата година постигна вкупна продукција од 1,8 милион пикапи, од кои одреден дел завршија и на извозните пазари. Мошне импресивен е пазарниот удел на GWM Pickup на домашниот пазар – дури 50 проценти.
Уште во текот на годинава, првите контингенти од Poer ќе бидат испратени на пазарите во Австралија, Јужна Африка, Саудиска Арабија и Чиле. Концернот од Кина очекува дека со своите модели ќе постигне впечатлив успех во сегментот кој во минатите неколку години бележи голем раст во продажбата во одредени региони, проследен со промена на имиџот, од работно возило, во лајфстајл модел. GWM Pickup со својот модел цели во горниот крај од понудата во сегментот.
Двете изведби на Poer, товарната и патничката, имаат различен стилски настап. Големата маска е заедничка за двете верзии и става моќен нагласок, а погледот не го пропушта ниту големото лого во средината. Доминантната маска ја придрушуваат хаубата со моќни контури, како и неколкуте стилски елементи што внесуваат умерена доза на агресивност.
На пазарот во Кина се достапни три варијанти. Патничката изведба на кинескиот пазар стартува со цена еквивалентна на 16.100 евра. Алу-тркала од 18 инчи се стандард, заедно со масивно хромираната маска во американски стил. Пристапот без клуч и стартувањето на копче се вклучени во основната опрема, исто како и диодни светла, електрична паркирна сопирачка и амортизери за поклопецот на товарниот простор.
Сите моделски изведби се испорачуваат со 8-степен автоматски менувач, достапна и верзија со дизел мотор со 163 КС
Пикапот е долг 5,41 метри, широк 1,94 и висок 1,89 метар, со меѓуоскино растојание од 3,23 метри. Товарниот простор е долг и широк по 1,52 метар, а висината е 54 сантиметри. Бензинскиот мотор е познат од Haval H6 и од останатите модели од концернот, со работна зафатнина од 2,0 литри, моќност од 190 КС и вртежен момент од 360 Nm меѓу 1.800 и 3.600 вртежи.
Основната моделска изведба е со погон на една оска, додека останатите верзии располагаат со погон на сите тркала. Автоматски менувач со 8 степени е стандард, тоа е воедно и прв модел на GWM во 23-годишното постоење на концернот што користи ваков менувач. Постои и изведба со технолошки примерен дизел мотор, дволитарец со 163 КС и 400 Nm, во комбинација со автоматски менувач со 8 степени.
Покрај товарната изведба, којашто е поедноставена во бројни детали, главно во стилот и во детали, GWM Pickup нуди и варијанта со нагласени теренски способности и соодветно приспособен стил. На салонот во Пекинг беше прикажана и студија, што го надградува теренскиот стил. Како за пазар што е светски лидер во електромобилноста, сосем е очекувано тоа што концернот на салонот ја прикажа и електричната изведба на Poer-пикапот, со досег до 405 километри.
Богат арсенал од системи за асистенција, Great Wall Motors вложува многу во технологијата за автопилотирано возење
За да убеди дека Poer во технолошки поглед е во чекор со времето, GWM во пикапот вградува бројни системи за асистенција. Менаџерите на кинескиот концерн ценат дека тоа ќе претставува предност на пикапот пред конкуренцијата. Амбициите се големи, од Poer се очекува да прерасне во мерило на светскиот пазар на пикапи.
Не се работи за празни ветувања, туку за реална понуда. Сите можности за поврзување со телефон одамна се подразбираат кај кинеските автомобили, тамошните возачи се буквално фанатици во тој поглед, па оттаму и сите возила што се извезуваат, поседуваат поддршка за Apple CarPlay и слични можности.
Во арсеналот од системи за асистенција влегуваат предупредување при напуштање од лента со зафат во управувањето, самостојно запирање при опасност од судир и камера за знаци. Покрај тоа што овие системи го олеснуваат возењето, тие ја подобруваат и безбедноста.
Great Wall Motors на неодамна завршениот салон во Пекинг објави дека отсега се ориентира на извозните пазари, односно цели да прерасне во компанија за мобилност што ќе биде влијателна на светскиот пазар. Соодветно на тие цели, идните модели на четирите марки (Haval – СУВ, Wey – премиум, Ora – електрични и GWM Pickup) ќе настапуваат со повисок квалитет и со напредна технологија. Воедно ќе се вложува во развој и истражување, како и во модернизација на фабриките.
Poer ќе се произведува во фабриката на GWM во Чунцин, којашто беше пуштена во работа лани, како петта фабрика во синџирот на концернот, во којашто се вршат сите фази од производството на возила, од пресување на каросериите, до лакирница и завршна монтажа. Кинескиот концерн посочува дека станува збор за интелигентна фабрика, во поглед на изработката, логистиката и дигиталните технологии. Фотографиите што неодамна ги објави GWM не остааваат простор за сомнеж дека тоа навистина е случај.
Во заварувањето на каросериите се користат 98 специјализирани роботи, со степен на автоматизација од 100 проценти. Во високобрзинската лента за пресување може со само едно копче да се смени формата што се пресува во моментот (ADC-техника). Тоа е клучно во браншата, флексибилноста ги намалува трошоците за производство и воедно обезбедува брзо задоволување на пазарните потреби.