Првото прашање кога станува збор за сообраќајните контроли секогаш е истото. Зошто тие досега не беа застапени почесто и повеќе беа исклучок, отколку правило? Острите и масовни реакции во јавноста конечно резултираат со соодветно постапување на надлежните служби. Во периодот од 18-ти до 21-ви септември, скопските сообраќајци казниле близу 1.400 возачи. Јавноста реагира позитивно, работите може конечно да дојдат во нормала.
Зошто, навистина, сообраќајната полиција досега не практикуваше да постапува ефективно и ригорозно кон возачите што ги прекршуваат правилата? Со години, повеќе со децении отколку со години, полицијата само се појавуваше инцидентно на неколку локации низ Скопје, кои возачите ги познаваа и можеби некогаш и се присетуваа да ја смалат брзината или да пропуштат пешак. Но, дури и ако не се сетеа, голема беше веројатноста дека пребрзото возење или непочитувањето на правилата ќе минат неказнето. Кога контролите конечно ќе се појавеа на улица, јавноста коментираше дека тоа се должи или на „наредба“ да се соберат пари од народот, затоа што или доаѓаат избори, или полицијата едноставно треба да ја исполни месечната норма.
Во игра се вклучуваа вујковци, чичковци, стрини и тетки, казните се кинеа, но уште пострашно, судовите на крај им простуваа на ликовите, кои беа подготвени да продолжат да живеат спокојно со свеста дека убиле или трајно повредиле човек – и со условна казна. Можеби токму скандалозниот случај со пресудата околу незгодата кај „Млечен“ и бурната реакција на јавноста, а конечно и на освестените медиуми, доведоа до тоа полицијата секојдневно да биде присутна и да го прави тоа што ѝ е работа. Да го надгледува сообраќајот и да изрекува казни за возачите што ги прекршуваат законите.
Скопје, а како што покажуваат и примерите со контролите во Прилеп, Велес и други градови низ Македонија, во изминативе години се претворија во средини во коишто царуваат автомобилите, а луѓето како случајно да се тука – луѓето надвор од своите автомобили. Пребрзо возење, непочитување правила, буквално изживување.
.jpg)
Многу работи биле и уште се поставени на погрешни темели во оваа наша убава Македонија. Со децении наназад, сообраќајната полиција избегнуваше да постапува ригорозно кон прекршителите, заради зачувување на мирот. Социјалниот мир, првенствено. Но, дали на сметка на зачувување на тој кревок мир, смееше да се дозволи да почнеме да лудуваме по улиците? Покрај тоа, има и безброј примери во кои прекршителите се однесуваат непристојно пред службениците. Небаре станува збор за селска тепачка во која се докажува кој е посилен.
Кога институциите немаат кредибилитет во очите на јавноста и некои возачи не стравуваат од судски казни, единствено преостанува полицијата да придонесе за избегнување на сообраќајните негоди и на жртвите во сообраќајот – тоа впрочем е нејзината основна функција
По улиците владее апсолутен хаос, почнувајќи од заплашување пешак за побрзо да помине улица, преку „класичното“ брзо возење, до неподлосливо свирење со автомобилските сирени во секое време од денот и ноќта и на секој можен агол. Голема заслуга за драстично видоизменетото, или поточно, уништено улично секојдневие, има и сменетиот возен парк. Цела деценија наназад, во Македонија масовно се довезуваат големи и стари лимузини и теренци, обично од бугарските плацеви, кои Европа решително ги отфрлува и го оневозможува нивното користење.
Тоа што по малите плацеви во Германија, со најлошиот и најсомнителен можен избор, чини најмногу 1.000 евра, тука пристига со трикратно повисока цена. Оваа панаѓур-аристокрација, почна да наметнува нов кодекс на однесување во сообраќајот, наивно верувајќи дека ефтините луксузни автомобили им обезбедуваат право да возат најбрзо и најнасилно. Овие појави во сообраќајот се само дел од комплетно новото улично секојдневие, коешто претходно било несвојствено и непримерно за нашите градски средини.
Сообраќајната полиција деновиве не отсуствува од своето работно место, како што беше случај со години наназад. И нормално, јавноста го поздравува тоа што се случува. Значи, сепак, погрешно бил поставен „системот“ дека е подобро да не се задира во хаосот и да се пушти народот да прави што сака во сообраќајот, затоа што на тој начин ќе се зачувало граѓанското спокојство. Тоа, секако, некои политички структури го поврзуваа и со задржување на гласовите за избори. Фиктивно се одржуваше погрешно нормално, место нормално нормално.
Во вкупниот број на казни влегува и погрешно паркирање, граѓаните бараат уште поригорозни и поделотворни контроли и побројни санкции за прекршоци во возење
Службениците на Министерството за внатрешни работи вчера на територија на град Скопје изрекле вкупно 311 санкции. Без возачка дозвола биле 17 лица, за пречекорување на дозволената брзина на движење се регистрирани 130 прекршоци, откриени се 17 технички неисправни и нерегистрирани возила, казнети се 49 мотоциклисти, а едно возило е одземено привремено. На тоа следат уште 73 казни за непрописно паркирани возила и 78 возила подигнати со пајак. Биле изречени и 15 санкции за неносење заштитна маска.
Полицијата ветува дека засилените сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредните денови и воедно апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголеми безбедноста во сообраќајот.
Апелираме и ние, Аутомедиа како портал што подеднакво се залага за култура во автомобилското секојдневие, за сообраќајната полиција не само да продолжи да ги врши контролите, туку и воопшто да не го напушта повторно своето работно место. Граѓаните ќе бидат благодарни и среќни за тоа.
Преглед на изречени сообраќајни казни во Скопје меѓу 18-ти и 21-ви септември
|
18 септ. |
19 септ. |
20 септ. |
21 септ. |
|
|
Без дозвола |
21 |
17 |
17 |
17 |
|
Пребрзо возење |
138 |
140 |
150 |
130 |
|
Нерегистрирани |
20 |
14 |
24 |
17 |
|
Мотоциклисти |
20 |
33 |
28 |
49 |
|
Паркирање |
88 |
63 |
54 |
73 |
|
Пајак |
72 |
50 |
29 |
78 |
|
Маска |
66 |
47 |
48 |
15 |
|
Одземени |
4 |
1 |
3 |
1 |
.jpg)
















