Илон Маск во посета на гига-фабриката во Германија

илон маск во германија

Шефот на Tesla денес првпат го посети градилиштето за новата фабрика за електрични автомобили во Гринхајде, во близина на Берлин.

Кусо пред завршувањето на својата повеќедневна посета на Германија, Илон Маск имаше желба лично да се увери во напредувањето на градежните работи. Во добро расположение и во релаксирана атмосфера, техно-милијардерот ги поздрави присутните новинари со „Deutschland rocks“.

Американскиот бизнисмен и визионер првично требаше да даде само една изјава за медимите. На крајот, тој сепак издвои десетина минути за да одговори на прашањата. Маск посебно се радуваше за брзата изградба на фабриката, што се постигнува со користење на однапред изработени елементи со висок квалитет.

Маск цени дека тоа „ќе биде најважната автомобилска фабрика во светот“. Шефот на Tesla се залага за колку е можно побрзо преоѓање на енергија од обновливи извори. „Добро е тоа што некои компании, кaко Volkswagen, сериозно се посветени во таа насока. Но, уделот на електричните автомобили во вкупното производство и натаму е мошне мал“, изјави Маск.

„Ценам дека тука нема да произведуваме само автомобили. Тука веројатно ќе произведуваме батерии и ќелии и други работи“, додаде визионерот.

Во Гринхајде од следното лето се планира годишно да се произведуваат околу 500.000 електрични автомобили. Германската сојузна покраина Бранденбург уште нема издадено согласност за фабриката во поглед на заштитата на животната средина. Tesla гради на сопствен ризик, што значи дека целата инвестиција може да пропадне, доколку властите не дадат одобрение. Во јули беше објавено дека Tesla во германската гига-фабрика ќе организира и сопствено производство на батерии.

Претходна објаваНовата Toyota Yaris веќе ја пишува 2021 година
Следна објаваSeat отвори „Хола Тапас Бар“ во Виена

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here