Audi Q2 како фино избрусен камен

Audi Q2 2020

Нови светла, нови можности за поврзување и нови системи за асистенција му даваат свежина на Q2 за втората половина од неговиот моделски век.

За да се воочат најголемите промени во изгледот на новото моделско годиште на Audi Q2, треба прво да се погледне опашот. Полигоните што им даваат препознатливост на предниот дел и на страниците, сега го карактеризираат и опашот. Браникот доби дифузор со петаголни полигони. Промените напред се сведуваат на површините под светлата, што се повеќе нагласени.

Осумаголната маска е пониска и прави предниот дел да изгледа пошироко. Во нивоата на опрема Advanced и S Line се наоѓаат тенки отвори, по пример на легендарниот Audi Sport quattro. Големите и нагласени отвори за воздух внесуваат уште повеќе динамика, што важи посебно кај S Line.

Диодните светла се вградуваат како стандард, опција се матрични диодни светла

Диодните светла отсега се стандард, како опција се нудат матрични диодни светла. Во тој случај, седум единечни диоди го создаваат долгото светло што се приспособува според условите. Целта е патот да биде осветлен колку може подобро, без да се заслепуваат другите возачи. Дополнителни 10 светлечки диоди го прават дневното светло, а уште седум диоди се задолжени за динамичните трепкачи.

https://photos.app.goo.gl/tKVqDsj2yuxc7pEDA

Има пет нови бои, од зелено јаболко, којашто првпат се користи во Audi, до турбо сина. Препознатлив белег на Audi Q2 се задните столбови, кои по желба може да бидат лакирани во црна, сива или сребрена боја. Додатоците во долниот дел од каросеријата може да бидат црни (во основниот модел), менхетен сиви (Advanced) или во бојата на каросеријата (S Line). Вообичаено за моделските освежувања, има три нови дизајни на бандажи.

Пакетите на опрема се скроени одново, заради поедноставен избор и подобрена противвредност

Внатре има новини во изгледот на отворите за воздух и на рачката на менувачот. Во замена за алкантарата доаѓа микрофибер. Audi состави осум пакети со комбинации од материјали и бои, заради поедноставен избор. Има и неколку нови пакети со опрема. Меѓу новите услуги од подрачјето на конективноста се можноста возилото да се заклучи оддалеку или да се провери нивото на гориво.

https://photos.app.goo.gl/wqeFfr5dNSKdkegf6

Audi Q2 ќе биде достапен со 1,5-литарски TFSI со 150 КС и 250 Nm. Посебност на овој мотор што веќе се вградува масовно во VW е исклучувањето на два цилиндри при пониско оптоварување, заради заштеда. До крајот на годинава, во понудата ќе се најдат уште неколку TDI и TFSI мотори. Посилните мотори може да се комбинираат и со погон quattro, со ламеласта стојка што во одредени услови може и целосно да го пренесе вртежниот момент од моторот на задната оска.

https://photos.app.goo.gl/bXRD4obXnY5kLpFYA

Главното внимание меѓу новите системи за асистенција е т.н. приспособлив асистент за возење, кој се доплаќа и задолжително оди во комбинација со навигација, дигитални инструменти и S tronic. Во основа станува збор за автопилотирано возење од второ ниво, односно за самостојно забавување, забрзување и управување според линијата на патот. Кога камерата за знаци ќе регистрира брзинско ограничување, асистентот соодветно го забавува возилото.

Цените во Германија стартуваат од 25.000 евра. Во моделска изведба со 1,5-литарски TFSI, цената изнесува 27.197 евра. Посебно за стартот на новото моделско годиште се нуди верзија „edition one“ со неколку ексклузивни детали во изгледот, како и со екстра опрема, со ценовна корист за купувачите.

https://photos.app.goo.gl/2HdQEMVs92EB2gzY7

>>> Audi R8 LMS победува на трки со „волан на жица“

 

Претходна објаваToyota Land Cruiser, еден од малкуте што се теренци
Следна објаваŠkoda Enyaq iV ја поместува целата марка понапред

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here