Кога автомобил ќе удри во ѕид денес, нормално е да се отворат воздушните перници, ремените да се затегнат и посебно конструирани делови од каросеријата да ја примат енергијата на судирот. Организацијата Euro NCAP повеќе од 20 години проверува колку се безбедни автомобилите и дали сé функционира правилно.
Организацијата Euro NCAP веќе 23 години ги судира автомобилите во ѕид, со цел да ја провери нивната безбедност. Производителите на автомобили негодуваа бурно, кога Euro NCAP првпат ги објави резултатите. Во составот на организацијата влегуваат најголемите автомобилски здруженија на национално ниво, меѓу другото од Велика Британија, Германија, Холандија, Шпанија, а секако и ФИА. Денес производителите активно учествуваат во воведувањето на нови барања за безбедност кај автомобилите.
Безбедноста на одделните модели се оценува со ѕвезди, што на заинтересираните купувачи им овозможува да добијат претстава за нивото на безбедност на конкретниот модел. Покрај добриот резултат на краш-тестот, меродавност има и безбедносната опрема на тестираните возила. Организацијата секоја година судира околу 30 автомобили.
За девет од секои десет модели што моментно се достапни на европскиот пазар, постои оцена на безбедноста од Euro NCAP. На производителите на автомобили им е важно да добијат најмалку четири, а најдобро сите пет ѕвезди, доколку не сакаат купувачите да ги одбегнуваат нивните автомобили. Од неодамна се оценуваат и дополнителните системи за асистенција.
Jeep Wrangler не се покажа во најдобро светло на краш-тестот
https://photos.app.goo.gl/F2KsaHcEbUTsLehs7
Барањата за безбедност постојано се заоструваа со текот на годините. Промените за 2020 година влијаеја најмногу врз поголемите СУВ-модели. Експертите на Euro NCAP оценуваат дали енергијата на судирот се пренесува рамномерно меѓу возилата, односно целта е поголемите возила да не ги загрозуваат патниците во помалите возила. Услов за големите теренци да ги добијат сите пет ѕвезди е возилото да го исполнува овој критериум.
За разлика од тестовите во 1997 година, кога возилата се залетуваа во фиксна пречка, автомобилот и бариерата денес се движат едно кон друго, со брзина од 50 километри на час. Нивните челни површини се преклопуваат со 50 проценти. Новите краш-тестови не ја оценуваат само заштитата на патниците, туку земаат предвид и дали предната конструкција на автомобилот ги доведува во опасност патниците во другото возило што учествува во судирот.
Кога за некој голем СУВ ќе се покаже на краш-тестот дека каросеријата е премногу крута и прима само мал дел од енергијата на судирот, тогаш тој модел ќе добие помалку ѕвезди. Новата регулатива ги води производителите на големи и тешки автомобили, истите да ги конструираат со цел да му дадат повеќе „шанса“ на помалиот и полесен автомобил во судирот и на тој начин подобро да ги заштитат патниците во тие возила.
При страничниот тест во столб, Euro NCAP сега ја зема предвид и опасноста од меѓусебно удирање на телата на возачот и совозачот. Дополнителна воздушна перница меѓу предните седишта може да ја намали оваа опасност. Toyota ќе вградува ваква централна воздушна перница во новата генерација на Yaris, кој наскоро започнува со продажба. Оваа воздушна перница што се отвора меѓу патниците напред се вградува и во новиот Honda Jazz, како и во електричниот компакт Volkswagen ID.3. Со измени во протоколот за тестирање ќе се влијае централната воздушна перница во иднина да се вградува во поголем број возила.
Електричниот Porsche Taycan постигна одлични резултати на краш-тестот
https://photos.app.goo.gl/ap47tA6xqYkzytkj6
Како резултат од заострувањата на критериумите за тестирање во минатите години, денешните возила располагаат со најразновидна безбедносна опрема, што докажано е делотворна. Тестирањето на работата на контролата на стабилноста (ESP) се врши уште од 2007 година, а самостојното запирање при опасност од судир се тестира од 2014 година наваму. Euro NCAP честопати е чекор пред законските одредби. ESP почна да се вградува како стандард во сите нови возила во ЕУ во 2014 година, додека автоматското запирање ќе стане задолжително во 2022 година.
Имајќи ги предвид овие унапредувања низ годините, од Euro NCAP можеме да побараме единствено да удира колку е можно повеќе автомобили во ѕид.
















