До крајот на јули, групацијата Volvo продаде вкупно 600.000 возила што ја користат платформата CMA. Станува збор за Volvo XC40 и за сличните модели од марките Lynk и Polestar со таканаречена компактна модуларна архитектура, што беше воведена во 2017 година.
Volvo и кинескиот партнер Zhejiang Geely Holding (Geely), вложија многу во развојот на платформата CMA, но добрата продажба на моделите врз оваа платформа ја оправда сета инвестиција. Тоа е воедно и логиката на т.н. плаформска стратегија, односно на примената на голем број заеднички компоненти за повеќе модели.
Прв модел врз оваа платформа беше Volvo XC40, а по него следеа Lynk & Co 01, 02, 03 и 05. Истата платформа ја користи електричниот Polestar 2, чијашто испорака стартуваше месецов, а секако и електричната верзија на XC40 со додавка Recharge во ознаката.
Чисто електричниот Volvo XC40 Recharge ќе започне со испорака наесен
Volvo рано пред конкуренцијата започна со воведување електрични модели во својата понуда, вклучувајќи ги приклучните хибриди, со план секој модел да биде достапен со електричен погон – моментно за секој модел се нуди опција за приклучен хибрид. До 2025 година, Швеѓаните планираат половина од продажбата да им отпаѓа на чисто електрични автомобили, а половина на приклучни хибриди.
Volvo за десет години ја зголеми продажбата од 449.255 возила во 2011 година, на повеќе од 700.000 возила лани, додека прометот порасна од 126 на 274 милијарди шведски круни во 2019 година. Профитот во истиот период пораснал од 1,6 на дури 14,3 милијарди шведски круни (околу 1,4 милијарда евра).

Покрај двете фабрики за автомобили и една фабрика за мотори во Европа, Volvo денес располага со уште четири фабрики во Кина и со нова фабрика во САД. Шведската марка се залага и за нови услуги на мобилност и за нови начини на продажба, а се вложува и во автопилотираното возење.
Од вкупната продажба, на компактниот СУВ-модел XC40 отпаѓаат 302.856 примероци, додека на моделите 01, 02, 03 и 05 на марката Lynk & Co (заедничка инвестиција меѓу Volvo, Zhejiang Geely Holding и Geely Automobile) отпаѓаат 309.255 примероци. Возила врз платформата CMA произведува и Geely Automobile, кој до јуни испорачал 35.708 примероци од истите.
















