Фотографија што го прикажува изгледот на новата генерација на Ford Bronco се појави на форумите, непосредно пред вечерашната премиера. Станува збор за важен модел во американската автомобилска култура, со долга традиција. Уште е неизвесно дали големиот 4х4 ќе се продава во Европа, но Mustang и Edge веќе направија таков чекор.
Ford вечерва во 20 часот источно американско време (2 часот наутро кај нас) ќе ја одржи светската премиера на новата генерација на Bronco. Детали за тоа објавивме синоќа, за премиерата што ќе се одржи на каналите на мрежата Disney (ESPN, ABC, National Geographic), поради пандемијата. Пред големиот теренец со ретро-стил да се појави премиерно пред светот, на форумот на Bronco6G се провлече фотографија од моделот, што очигледно ќе биде дел од кампањата.
На фотографијата е прикажана кусата изведба Bronco Sport со две врати, со преден дел во ретро-стил и со кусо меѓусокино растојание, што ќе ги привлече љубителите на вистинското теренско возење. Се забележува и можност за отстранување на покривот.
На сцената веќе одамна се појави матна шпиунска фотографија од верзијата со четири врати, снимена во фабрика на Ford, којашто го најави стилот на новата генерација на ова култно моделско име и херој во бројни американски филмови.
По двете стандарнди каросериски изведби на Bronco ќе следи и пикап, којшто ќе цели на ривалот Jeep Gladiator. Страничните ретровизори што се прицврстени на предните столбови и по третото стоп-светло на посебен држач над резервното тркало, навестуваат дека ќе следи и изведба со отстранливи врати и покрив.
„Сторито“ на инстаграм открива нови детали пред премиерата
Под хаубата ќе работи 2,3-литарскиот четрицилиндарец со турбонатполнење од Mustang & Co или 2,7-литарски V6, во комбинациај со новиот 10-степен автоматик на Ford. Се претпоставува дека во понудата ќе се најде и верзија со мануелен менувач, како и модел со плагин-хибриден погон.
Уште е неизвесно дали новиот Bronco ќе биде достапен на европскиот пазар. Ако се суди според примерот од Mustang, кој во актуелната генерација првпат стана достапен официјално на стариот континент, и воедно постигнува фантастичен успех како најпродавано спортско купе, тогаш е сосем реално да се очекува дека Bronco ќе биде уште една американска легенда што ќе биде достапна во Европа.
Ford Bronco со премиера како реклама на ABC, ESPN, NatGeo

















