Во матичната фабрика на Opel во Риселсхајм во иднина ќе се произведуваат три модели. Еден од нив ќе биде од француската марка DS, премиум-подмарката на Citroen.
Германската марка во францускиот концерн PSA во иднина ќе произведува три модели во фабриката во Риселсхајм. Од следното лето, во историското седиште на Opel ќе се произведува нов модел од марката DS, којашто е замислена како премиум-подмарка на Citroen. Во фабриката со 2.400 вработени моментно се произведува лимузинската изведба на Insignia. Кон крајот на следната година, таму ќе се произведува и новата генерација на Astra, со техника од Peugeot 308.
Како што соопштуваат од германската компанија, во фабриката во Риселсхајм од следната година повеќе нема да се произведуваат менувачи и ковани делови. Во тие одделенија моментно работат околу 200 лица.
Остри критики за затворањето на погонот за изработка на менувачи пристигнаа од IG Metall и од целиот работнички совет на Opel. „Ќе се бориме Риселсхајм да не се претвори во обичен погон за монтажа, туку и натаму да биде локација во којашто ќе се одвиваат целосно производство и развој на автомобили“, реагираат од синдикатот.
Новата Opel Astra ќе вози со техника од Peugeot

















