Bugatti повторно ги изработува своите хиперспортски и ексклузивни автомобили во Молсхајм. По паузата заради воведување на неопходните заштитни мерки, дел од вработените се вратија во матичните погони во Алзас, Франција.
Безбедноста на вработените и на клиентите во моментов е најважна (и) во автомобилската бранша. Од денес повторно се изработуваат моделите Chiron и Divo во таканареченото ателје на Bugatti во регионот на Алзас, Франција. Половина од тимот ќе продолжи да ги врши своите обврски од дома. Штефан Винкелман, претседател на Bugatti: „Со помош на воведените заштитни мерки, конечно продолжуваме со рачната изработка на возилата. Тоа е важен знак за целиот персонал и за нашите клиенти.“
Во минатите недели беа разработени посебни правила на однесување со цел за повторно да се врати производството во Молсхајм, со почитување на законските барања од француската влада и препораките на интернационалните експерти.

Секој вработен при влегувањето во фабриката во Молсхајм добива сопствена заштитна маска, којашто мора да ја носи во целиот фабрички круг и во работните простории, без разлика дали има растојание од најмалку 1,5 метар со колегите. Постојат посебни правила за миење на дланките, а вработените имаат обврска темелно да го мијат алатот пред и по користењето.
Секој вработен ќе мора наутро да ја проверува телесната температура и да следи алгоритам за утврдување дали има симптоми на Ковид-19. Шефот Винкелман: „Не се работи само за одделните работници, туку и за одговорноста кон колегите и нивните семејства.“

















