Во новата генерација на Honda Jazz се чувствува влијанието на „е“. Тоа се однесува на електромоторот кој му помага на бензинецот, но и на дизајнот на каросеријата и изведбата на кокпитот. Тоа му ја дава потребната свежина на моделот, во време кога се случува масовно обновување во класата на градските автомобили.
Honda се придружува на големото обновување меѓу градските автомобили и на салонот во Токио го претстави новиот Jazz. Јапонскиот модел доживува премиера во исто време и на исто место со новата генерација на Yaris. Двата нови модели ќе пристигнат на европскиот пазар во средината на следната година, кога европските конкуренти Renault Clio, Peugeot 208 и Opel Corsa, во нивните исто така освежени генерации, веќе ќе имаат неколку месеци искуство на пазарот.
Главниот новитет кај Honda Jazz е во тоа што првпат ќе се нуди во Европа единствено во изведба со класичен хибриден погон. Во концептот секако дека нема промени. Jazz се издвојува во конкуренцијата со просторната кабина, со прочуената приспособливост на задната клупа, но и со возната динамика и свежата технологија, кои се обележје на целата марка.
Наспроти првичните најави, Honda ќе воведе изведба со електромотор во погонската спрега во сите свои „носечки“ моделски серии во Европа веќе до 2022 година, место до 2025 година – Jazz е прв модел во реализацијата на таа стратегија
Jazz е воедно и прв модел во европската понуда на Honda што ќе ја носи ознаката e:HEV. Асоцијацијата е јасна, марката неодамна ја претстави сериската изведба на Honda Е, па оттаму и буквата „е“ во ознаката.
Првпат во гамата на моделот ќе се нуди и изведба Crosstar, во стил на кросовер, со зголемено растојание од подлогата, различна предна маска, облоги што се отпорни на влажност и со кровни носачи за багаж.
https://photos.app.goo.gl/vupvcnT9YyZZL7Zz9
https://photos.app.goo.gl/C5fsYiskzyU7CTSW9
Дизајнот го зема како пример моделот од претходната генерација, но следи минималистичка шема. Тоа е новата дизајнерска филозофија којашто ќе ги одликува сите идни моделски серии на Honda и ќе става поголем нагласок на функционалноста. Новиот правец започна со електричната Honda e, кадешто дополнително се забележува и симпатична ретро-нота.
Со ново структурно решение, дебелината на предните столбови е преполовена во споредба со претходникот, со цел да се се подобри прегледноста. Воедно е зголемена отпорноста на каросеријата на свивање.
https://photos.app.goo.gl/CA1axgXo37MqSV1x7
По должината на каросеријата се забележува права линија што ја нагласува едноставноста на формата. Визуелниот впечаток на цврст и стабилен став го посредуваат нагласените крила. Опашот завршува во ист стил, со малечок и незабележлив спојлер околу задниот прозорец.
Jazz ќе им биде достапен на европските возачки и возачи единствено во изведба со класичен хибриден погон. Како што објаснуваат во Honda, нивниот хибрид нуди „исклучителен спој на моќни и релаксирачки перформанси, со одлична штедливост“. Погонот е посебно приспособен за Jazz.
https://photos.app.goo.gl/gN2nNeSpGGXjJATs8
Мошне свежо и јапонски педантно е изведена работната средина за возачот, кадешто се препознава истата идеја како во Honda e. Како што е ред денес, автомобилот располага со богати можности за поврзување и користење онлајн-услуги, со безжична мрежа за преносните уреди на патниците. Во средината е голем дисплеј, со кориснички интерфејс сличен како на мобилен телефон.
Предните седишта се пошироки и со подобра поддршка, различни и покомфорни од претходните кои уште поседуваа пружини. Задната клупа исто така треба да понуди повеќе комфор, благодарение на новиот дизајн и подебелото полнење.
https://photos.app.goo.gl/VhMxf2MGeAEzY6Ho6
Останува единствениот концепт со приспособлива задна клупа, со фамозните „Magic Seats“ и благодарение на позиционирањето на резервоарот за гориво под предните седишта. Тоа е единствено во класата.
Нова камера со поширок агол и подобра резолуција го заменува претходниот систем од камера и радар, којшто се користеше како основа за повеќето системи за асистенција. Самостојното запирање при опасност сега функционира добро и во ноќни услови. Honda Jazz може да се опреми и со радарски темпомат, во комбинација со систем за следење лента.
Јапонскиот „џезист“ ќе пристигне на европскиот пазар во средината на 2020 година. Наскоро ќе бидат познати и техничките детали околу погонската спрега, како и за возилото.
https://photos.app.goo.gl/Qqupp1W7g4xv3ZycA
















