Оливер Ципсе на 16-ти август ја презема претседателската функција во управниот одбор на групацијата BMW. Решението се донесе на денешната седница на надзорниот одбор во Спартанбург, САД. Ципсе го заменува Харалд Кригер, кој во почетокот на јуни соопшти дека ја напушта компанијата.
„Оливер Ципсе го презема претседателството со BMW AG, како стратег со цврста рака и аналитичар. Тој на групацијата BMW ќе ѝ даде дополнителни импулси во креирањето на мобилноста на иднината“, изјави претседателот на надзорниот одбор на BMW AG и шеф на групацијата до 2015 година, Норберт Рајтхофер.
Ципсе е член на управниот одбор на BMW AG од 2015 година, одговорен за производството. Неговата кариера во Минхен започнува во 1991 година, како приправник, за подоцна да преземе функции, како раководител на фабриката во Оксфорд или главен планер и моделски стратег во концернот.
Надзорниот одбор на групацијата ја избра фабриката во Спартанбург, САД, како локација за важната седница, заради непосреден увод во бизнисот на американскиот пазар и во производството во најголемата фабрика на BMW во светски рамки.
















