Спротивно на претпоставките, најпродаваниот автомобил во Јапонија не доаѓа од Toyota, туку од Nissan. Затоа, пак, точна е претпоставката дека станува збор за автомобил со хибриден погон. Уште поточно, со електричен погон, по малку
Nissan Note е најпродаваниот автомобил во Јапонија во 2018 година. Успехот се должи и на тоа што овој модел е достапен во изведба со посебен вид на хибриден погон, за којашто јапонските возачи сосем очекувано покажуваат особен интерес. Станува збор за системот e-Power, од кого што Nissan очекува наскоро да го повтори успехот и на европскиот пазар.
За разлика од обичниот хибриден систем на Toyota, кадешто погонските тркала добиваат моќ и од моторот и од електормоторот, њутметрите до погонските тркала кај Nissan e-Power пристигаат исклучиво од електромотор. Кога ќе се испразни малата (а тоа значи и евтина) батерија, по честите поаѓања и забрзувања во град, стапува на дело бензинецот, кој функционира како генератор.
https://photos.app.goo.gl/sFMwWix1vAuS2JiCA
Енергијата од батеријата се црпи при секое посилно забрзување и поаѓање; Дел од енергијата се враќа при забавување или запирање
Кусо, електромоторот во поголемиот дел од возењето се снабдува со струјата што ја произведува бензинецот, место да влече енергија од батерија. Заштедата се постигнува на тој начин што батеријата „се вклучува“ кога моторот ќе го напушти режимот со оптимална ефикасност, што значи при секое посилно забрзување и поаѓање. Предноста е во тоа што системот е неспоредливо поевтин од обичниот хибриден погон, конкретно на Toyota, додека во реално возење се постигнува прилично споредлив ефект на штедење.
https://photos.app.goo.gl/BbqMAAGT77AKYDcg7
Лани во Јапонија се продале 136.324 примероци од Nissan Note. Три од секои четири продадени примероци од овој модел биле во варијанта со e-Power. Во „автомобилската продажба“ не спаѓаат таканаречените кеи-автомобили, односно посебно привилегираната категорија возила долги до 3,4 метри и со мотори до 660 сантиметри кубни.
https://photos.app.goo.gl/yGzL2xHW4TWESZis9
Откако Nissan стартуваше со e-Power во ноември 2016 година, во Јапонија се продадоа повеќе од 200.000 возила со „евтиниот“ електричен погон. Штедливата техника му помогна и на миниванот Serena да постигне продажба од близу 100.000 примероци во земјата лани и да го освои врвот во својот сегмент.
Голем дел од погонската техника во Nissan Note e-Power потекнува од електричниот Leaf
Моторот во Nissan Note е познатиот 1,2-литарец со ознака HR12DE и со моќност од 79 КС. Во комбинација со електромоторот EM57 од Leaf се постигнува системска моќност од 109 КС. Повеќе импресионира вредноста на вртежниот момент од 254 Nm, кои стојат на располагање буквално од првиот вртеж на електромоторот.
https://photos.app.goo.gl/47WxBrb2jXQByw5E9
Бидејќи голем дел од електриката (и електрониката) во погонската спрега потекнува од Leaf, возењето само со педалот за забрзување функционира и тука. Потрошувачката на гориво според фабрика изнесува 2,7 литри бензин на сто километри.
https://photos.app.goo.gl/oqNCA79VrNLydzip8
Цената за основната изведба Note e-Power S во Јапонија изнесува 1.772.280 јени (околу 14.250 евра), наспроти 1.393.200 јени (околу 11.190 евра) за верзијата на Note со обичен погон. Дополнително постои и изведба на Nissan Note e-Power со погон на сите тркала. Во тој случај, задните тркала ги придвижува електромотор со моќност од 4,8 КС и вртежен момент од 15 њутнметри.
Note веќе неколку години не се продава на европскиот пазар, меѓу другото поради фактот што СУВ-бранот буквално го потопи сегментот на миниваните. Според некои изјави на менаџерите на јапонската марка, e-Power во следниов период ќе доживее масовно вградување и во понудата од модели за европскиот пазар.
Тест: Suzuki Swift 1.2 DualJet SHVS GLX
Nissan Leaf во специјална серија со досег до 385 километри
Nissan Qashqai со бензински мотор од Mercedes A-Class
И на Сицилија почна да се вози Nissan на струја
















