Двајца улични тркачи осудени како убијци во Германија

Пресудата за двајца улични тркачи во Берлин, чиешто несовесно возење заврши со смрт на трет возач, предизвика бран реакции низ светот. Нивното лудачко возење со 160 километри на час низ самиот центар на германската престолнина, судот го казни со доживотен затвор.

На први февруари лани, двајца млади возачи си приредиле вистинска улична трка во строгиот центар на Берлин, на познатиот Курфирстендам. Кога минале на црвено светло на семафор, залетани со 140 и 160 километри на час, едниот од нив со својот Audi A6 удрил во теренец, којшто најрегуларно ја минувал крстосницата на зелено светло. Возачот на теренецот загина. Судот во Берлин половина година ја водеше постапката. Пресудата конечно е донесена. Убиство.

Јавноста во земјата со големо внимание го следеше процесот, повеќето медиуми известуваа во живот од судот. Обвинители и судии, политичари и жртви од сообраќајни незгоди го исчекуваа исходот. Судовите досега им изрекувале релативно благи казни на возачите на илегални улични трки што завршувале кобно, како за убиство од небрежност. Но, овојпат пресудата беше поразлична. Хамди Х. (28) и Марвин Н. (25) одговараа за убиство, осудени се на доживотен затвор. Сосем е разбирливо што пресудата предизвика сензација и надвор од земјата.

„Секако дека двајцата млади возачи немале предумисла за убиство и не возеле со цел да убијат некого. Но, нивното возење значело дека им е сеедно дали притоа некој ќе загине“, коментираат судиите. Обвинетите не се тркале надвор од населено место, туку среде Курфирстендам, шеталиште и една од главните сообраќајни артерии во центарот на Берлин. Трката се случувала на делница во должина од два и пол километри, со екстремни брзини. Иако истата се одржувала ноќе, на несовесните возачи им било сосема јасно дека може да се случи незгода. Според судиите, двајцата возачи ги искористиле своите автомобили како оружје. Оваа забелешка обично се користи при терористички напад.

Црните сообраќајни хроники од целиот свет имаат свој „Хамди“ и „Марвин“, што е причина зошто пресудата на судиите во Берлин предизвика сензација на социјалните мрежи и воопшто реакции од јавноста.

Претходна објаваМексиканскиот Nissan Sunny заминува по три децении производство
Следна објаваПремиера на новата серија 5 на BMW во салонот на М-Кар

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here