Некои автомобили би можеле да останат во продажба за навек, како што докажува Nissan Tsuru, мексиканската верзија на некогаш популарниот Sunny. Последен пат освежен во почетокот на 1990-те години, Tsuru сепак мораше да замине од пазарот, поради сериозните недостатоци во безбедноста. Nissan Mexico го испраќа моделот со специјална серија Tsuru Buen Camino. И цената е од деведесетите.
Мексиканскиот огранок на Nissan лани во октомври објави дека застарениот модел Tsuru наскоро ќе биде повлечен од производство. Одлуката следеше кусо откако Global NCAP ги објави катастрофалните резултати од меѓусебниот краш-тест на Tsuru и неколку генерации поновиот модел Versa. Застарениот Tsuru на краш-тестот буквално се здроби на половина, по што следеа остри критики од надлежните институции за безбедност и притисок врз производителот. Nissan Mexico сега го испраќа овој легендарен автомобил во историјата со специјалната серија Tsuru Buen Camino, којшто на купувачите за последен пат ќе им го донесе шармот на автомобилите од 1990-те години.
Специјалната серија чиешто име означува „добар пат“ е ограничена на илјада примероци и од обичните модели се разликува по темносината боја на каросеријата и хромираните издувни цевки. Но, облагородувањето на изгледот на триесетгодишниот модел не запира тука. На тоа следуваат и специјални раткапни и внатрешност во комбинација од сина и темносива боја. Централното заклучување со далечинска команда е стандарна опрема, исто како и радио со блутут и приклучок USB. Сето тоа е достапно по цена од 172.500 мексикански долари, односно нешто повеќе од 8.000 евра. За верзијата со клима уред е потребно да се доплати уште 700 евра.
Моторот е 1,6-литарски со 16 вентили и моќност од 105 КС. Со петстепен менувач, гуми со димензија 175/70 SR13 и тежина од неполн тон, Tsuru според фабрика троши 5,9 литри бензин на сто километри.
Последниот примерок од Nissan Tsuru ќе замине од производствената лента во мај. Моделот стартуваше со продажба под ова име во 1984 година и во своите три генерации досега има достигнато над 2,4 милиони продадени примероци. Tsuru беше најпродаван модел во Мексико во периодот меѓу 1997 и 2011 година, кога лидерството го презеде Volkswagen Jetta од локална продукција.
Тоа што е Nissan Tsuru во Мексико, во Чиле се води како V16, во Централна Америка е Sentra (B13), односно Sentra Classico во Доминиканска Република и Перу. Станува збор за модел којшто во почетокот на 1990-те години се продаваше на европскиот пазар како Nissan Sunny од генерацијата B13.




















