за

Премиера на новата серија 5 на BMW во салонот на М-Кар

Претставена достојно на нејзината големина како една од најреално посакуваните бизнис-лимузини, седмата генерација на серијата 5 на BMW доживеа македонска премиера во салонот на М-Кар.

Кај баварската марка нема двоумење. Кога ќе се спомене BMW, веднаш се помислува на серијата 3 или на серијата 5. Тоа се автомобилите што имаат оставено најсилен печат врз имиџот на марката. Серијата 5 веќе стартува со продажба и со тоа го започнува следниот круг во конкуренцијата за најдобриот концепт на ракување, за најспособниот инфо-забавен систем и за најголемото приближување до автомобилот што управува самостојно. Тука нема ниту една од темите кога во 1972 година се појави првиот BMW 520. По 7,5 милиони примероци, светот изгледа сосема поинаку.

Kако менаџерите во М-Кар, увозникот на BMW ја гледаат новата серија 5? „Иновативен, динамичен, со атлетска градба и софистициран бизнис изглед, создаден од најдобрите материјали за комодитет, новиот BMW Серија 5 уште повеќе го нагласува чувството на луксуз”, изјави Александар Ордевски на официјалната промоција на моделот.

BMW serija 5 promocija MKar (2)

Промените во изгледот кај BMW секогаш се забележуваат највпечатливо во „бубрезите“. Овојпат тие се пошироки и повисоки во споредба со претходникот и во горните завршетоци го прикажуваат препознатливиот „хофмајстеркник“, стилскиот зафат што секој модел на BMW традиционално го има на крајот од задните прозорци. Тенките диодни светла се надоврзуваат директно на маската и го заокружуваат дизајнот на предниот дел, давајќи му визуелна ширина.

Пропорциите се непроменети. Тоа значи кус каросериски превиз напред, долго меѓуоскино растојание, долга хауба и кабина повлечена наназад. И „кникот“ во задните прозорци, секако. Страниците се разиграни конкавни и конвексни површини, ограничени со јасни линии, што му дава острина и благородност на карактерот на новиот модел.

BMW serija 5 promocija MKar (1)

Истиот стил се провлекува и во внатрешноста, со елементи што ја нагласуваат ширината, со надолу поместено оптичко тежиште на средината на арматурната табла и со конзола што повторно е завртена под поголем агол кон возачот. Но, во ова време кога конкуренцијата се води околу тоа кој ќе го има најбрзиот компјутер, поважно е тоа што се наоѓа зад благородната фасада. Ниту во серијата 5 не недостигаат стерео-камера, радар и ултразвучни сензори. Во стандардната опрема спаѓаат систем за избегнување пречка на патот, предупредување за возило што наидува странично, систем за престројување, како и систем за следење лента со активна заштита од страничен судир.

Доколку се нарача активниот темпомат, овој BMW го прави следниот чекор поблиску до автономното возење. Овој систем му помага на возачот да го одржува растојанието од возилата напред, да забрзува, да сопира и да ја следи лентата до брзини од 210 километри на час. Над стандардот е проекцискиот дисплеј, за 70 проценти поголем од претходно, со посилен контраст, во боја и со повеќе информации. Понатаму на списокот на дополнителна опрема е дисплејот од 10,25 инчи со новата генерација на системот iDrive, со неколку функции со коишто се ракува преку гестикулација.

BMW serija 5 promocija MKar

При сето ова изобилство од електроника, техничарите успеаја да ја намалат тежината за 100 килограми. Серијата 5 вози со нова конструкција на подвозјето, поставувајќи нови стандарди во возната динамика, меѓу другото и со интегралното активно управување, коешто сега се комбинира и со погонот на сите тркала xDrive. Во исто време се подобрени комфорот во возење и аероакустиката. Последново во голем дел се должи на коефициентот на отпор на воздух 0,22, исто колку и кај класата E на Mercedes.

https://automedia.mk/objavi/26765

Под хаубата работи новото семејство мотори со модуларна конструкција, според принципот 500 сантиметри кубни по цилиндар. Двата нови бензинци во BMW 530i и BMW 540i постигнуваат 252, односно 340 КС, при вредност на потрошувачка на гориво од 5,5 и 6,5 литри. Неизоставни се дизелите: 520d со 190 КС и 530d со 265 КС и потрошувачка од 4,1 и 4,5 литри. Рекордер во штедливост е BMW 520d Efficient Dynamics Edition, со 3,8 литри гориво на сто километри. Кому тоа му е недоволно, на располагање го има BMW 530e Performance, плагин-хибрид со електричен досег од 50 километри, системска моќност од 252 КС и нормирана потрошувачка од 1,9 литар гориво. На спротивниот крај на моќноста е M550i, привремено. Додека новиот M5 не ја заокружи серијата.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Двајца улични тркачи осудени како убијци во Германија

Новиот BMW X3 на завршно тестирање во Поларниот Круг