Спортскиот двосед S500 е првиот автомобил на Honda

Спортскиот имиџ на Honda и страста за технички егзибиции не се случајни кога ќе се присетиме на првиот сериски автомобил на марката. Родстерот S500 се појави премиерно во раните 1960-ти години, со мотор којшто досегаше до 8.000 вртежи и неколку оригинални детали во техниката. Подоцна и родстерот S2000 се надоврза на оваа традиција.

Родстерот со ознака S500 е првиот автомобил на Honda. Буквата S сосем логично означува „спортски автомобил“ додека бројката се однесува на работната зафатнина на моторот во сантиметри кубни. Спортскиот двосед имаше премиера на 25-ти октомври 1962 година на деветтиот салон на автомобили во Токио, заедно со прототипот Sports360 и првото доставно возило на марката, T360. Производството стартуваше во август 1963 година во фабриката во Хамамацу, а заврши во септември следната година.

Honda смисли уникатен начин да го промовира својот нов автомобил. На 16-ти јуни 1963 година беше објавена реклама во којашто од јапонските купувачи се бараше да ја погодат цената на S500. Пристигнаа околу 5,5 милиони одговори, а најчесто беше наведена цена од 485.000 јени. Кога стартуваше продажбата, цената беше дури и пониска од претпоставената – 459.000 јени.

Европската премиера се одржа на пароброд на реката Рајна во Германија

Спортскиот двосед без покрив пристигна во Европа кон крајот на август 1963 година. По тој повод, на паробродот на когошто се одржуваше презентацијата на реката Рајна, во германскиот град Кобленц, лично присуствуваше и Соичиро Хонда. Родстерот подоцна имаше премиера и во САД. Иако возилата на презентацијата поседуваа волан од левата страна, во Хамамацу до 1964 година се произведуваа исклучиво возила со волан оддесно.

хонда с500_н

Моторот со работна зафатнина од 531 сантиметри кубни располагаше со моќност од 44 КС при 8.000 вртежи. Специфичната литарска моќност од 88,5 КС по литар работна зафатнина беше сензација во тоа време. Со вентилите управуваа две брегасти вратила во главата на моторот, а коленастото вратило и долниот прстен на клипницата користеа игличести лежишта. Секој цилиндар поседуваше сопствен карбуратор Keihin со пречник на дифузор од 26 милиметри.

Уникатно пренесување на вртежниот момент до задната оска преку синџири

Моќта од моторот преку карданско вратило се пренесуваше до диференцијалот поставен на задната оска, а оттаму преку синџири до левото и десното задно тркало. Куќиштата на синџирите потопени во масло се потпираа на рамката преку спирални пружини со телескопски амортизери однатре – S500 имаше независно водење на тркалата.

хонда с500 мотор

Целата серија модели го користеше овој принцип, со исклучок на подоцнежниот S800, којшто во мај 1966 година доби конвенционална крута оска со надолжни водилки и панардов лост. Предните тркала се водеа преку попречни водилки, како и преку надолжно поставени торзиски лостови, прицврстени на рамката.

Челичната каросерија беше прицврстена на посебна рамка и беше делумно поцинкувана. За сопирањето беа задолжени барабан сопирачки на сите тркала. Honda S500 се распознава по стаклената купола над предните светла, како и по трите ламели во маската.

Родстерот учествуваше и во мотоспортот, во исклучително мала серија со волан одлево. Јапонците Нобуо Кока и Гичи Сузуки учествуваа на 5.500-километарскиот маратон од Спа преку Софија до Литих со бел S500 со стартен број 58, но трката заврши кобно за Сузуки, при незгодата којашто се случи во близина на Љубљана.

Топ-модел во серијата беше S800 со мотор со 67 КС

Во 1964 година пристигна наследникот S600, а една година подоцна и купето S600. Работната зафатнина на моторот порасна на 800 сантиметри кубни во 1966 година, кога S800 доживеа европска премиера на салонот во Париз. Моделот во тој момент веќе се продаваше на јапонскиот пазар. Во пролетта 1967, кабриолетот на Honda беше достапен и на европскиот пазар. Моторот тогаш располагаше со 67 КС.

По повеќе од три децении, Honda го претстави родстерот S2000, како продолжение на оваа традиција, со мотор со фантастични 240 КС и „рекордна“ специфична моќност од 120 КС по литар, којшто ја постигнуваше максималната моќност при 7.500 вртежи – во стилот на легендарниот претходник.

Технички податоци · Honda S500

Мотор Линиски, 4 цилиндри, две брегасти вратила во глава, 4 карбуратори Keihin, работна зафатнина 531 ccm, пречник и од 54 x 58 mm, компресија 9,5:1, моќност 44 КС при 8000/min, вртежен момент 37,3 Nm при 8000/min, тежина на мотор 118 kg Каросерија Челична каросерија на носечка рамка Суспензија Напред независна суспензија со попречни водилки, торзиски лостови, амортизери, стабилизатор, назад независна суспензија со надолжни водилки, спирални пружини, телескопски амортизери Димензии 3195 х 1295 х 1146 mm, меѓуоскино растојание 2000 mm пневматици 5.20 – 13, круг на вртење 8,6 m Тежина Празно возило 725 kg Перформанси Крајна брзина над 130 km/h, забрзување 0-100 km/h за 18 s, резервоар 25 литри Потрошувачка 5,0 L/100 km при 100 km/h

Меѓу октомври 1963 и септември 1964 година се произведоа 1353 примероци од Honda S500, додека целата серија до 1970 година се произведе во 25.960 примероци.

[FAG id=26833]

Претходна објаваЕвропските градови го ограничуваат пристапот за нееколошките автомобили
Следна објаваКина воведува построги норми за емисија на штетни материи

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here