за

Европските градови го ограничуваат пристапот за нееколошките автомобили

Десетина европски градови во моментов имаат воведено мерки за намалување на загадувањето на воздухот од сообраќајот, со режим за возење пар-непар. Но, дали тоа навистина е единствениот начин за надминување на проблемот и мора ли непотребно да се исфрлуваат од сообраќај и совршено „чистите“ возила? Избравме неколку примери како големите европски метрополи се заштитуваат од штетната емисија од сообраќајот. Принципот е единствен: За нееколошките возила се наплаќаат поскапи такси, а еколошките најчесто се ослободуваат од плаќање. Причината зошто Македонија не презема мерки е јасна: Буџетот се полни од акцизите од горивата, ограничувањето на сообраќајот би го сопрело овој „непресушен“ извор. Но, некои поискусни глави смислиле решение и за тоа.

Во голем број европски градови постојат еколошки заштитени зони, во коишто се ограничува или забранува сообраќајот со моторни возила. Ограничувањето на пристапот на возилата се одредува на најразличен начин, почнувајќи од воведување забрана за возење во одредени временски периоди од денот, до плакети коишто мора да се залепат на ветробранското стакло, заради идентификација на еколошката погодност на возилото и проверка дали возилото ги исполнува условите за пристап во заштитеното подрачје.

Во продолжение ги наведуваме најважните одредби во европските градови во коишто постојат зони со ограничен сообраќај.

Велика Британија

лондон градска патарина_2

Ограничување на сообраќајот во: Лондон и Дурем
Одредба: Градска патарина
Важност: За сите возила, вклучувајќи и странски
Период: Преку целата година

Во центарот на Лондон се наплаќа такса за користење и паркирање на возилата. Зоните се обележани со сообраќајни знаци или со хоризонтална сигнализација.

Такса

Регулирањето на сообраќајот важи од понеделник до петок, од 7 до 18 часот. Пристапот е слободен во викендите и празниците. Доколку таксата се плати еден ден однапред или во текот на денот, таа изнесува 11,50 фунти за цел ден. При одложено плаќање до крајот на следниот ден, таксата се искачува на 14 фунти за ден и истата може да се плати телефонски или онлајн. Наједноставно и најевтино е преку онлајн-регистрирање за автоматска наплата, кога таксата изнесува 10,50 фунти за ден. Годишната регистрација за услугата се наплаќа 10 фунти.

За овие возила се наплаќа такса

Обврската важи за сите моторни возила, со исклучок на мотоцикли. Од таксата се ослoбодени автомобили со електричен погон, плагин-хибридни возила, возила на инвалиди, како и возила што ја исполнуваат нормата Euro 5 и имаат емисија на СО2 најмногу до 75 g/km.

ГЕРМАНИЈА

германија еко_плакета

Ограничување на сообраќајот во: Повеќе од 50 германски градови
Одредба: Обврска за плакета во рамките на еколошките зони.
Важи за: Сите возила, вклучувајќи и странски. Исклучени се мотоцикли, возила за брза помош и слични возила.
Период: Преку цела година

Во центрите на голем број германски градови постојат таканаречени „еколошки зони“.  Во овие зони смеат да пристапуваат само возила со плакета којашто покажува дека не се пречекорува одредена количина штетни материи и неразградливи честички. За пристап во овие зони, претходно мора да се обезбеди соодветната плакета.

Во зависност од емисијата на штетни материи на возилото, плакетите се во зелена, жолта или црвена боја. Возила што не добиваат плакета не смеат да пристапат во зоната. Во моментов во ниту еден град не е дозволен пристап со возило со црвена плакета. Малку се и градовите што дозволуваат пристап со жолта плакета.

Плакетата се поставува на еден од рабовите на ветробранот, обично на десниот или левиот долен агол.

Плакета нема црвена жолта зелена
За возила со дизел мотор Euro 1 Euro 2 или Euro 1 + филтер за честички Euro 3 или Euro 2 + филтер за честички Euro 4 или Euro 3 + филтер за честички
За возила со бензински мотор Без регулиран катализатор, регистрирани пред 01.01.1993     Со регулиран катализатор, регистрирани по 01.01.1993

Италија

италија_ограничен_сообраќај

Забрана за сообраќај во: Центарот на повеќе италијански градови
Одредба: Забрана за сообраќај во центарот на градот
Важност: За сите возила, вклучувајќи и странски
Исклучок: Туристите добиваат привремено одобрение за пристап до хотелот, при што хотелот мора да претходно да ги наведе регистерските ознаки и периодот на престој
Период: Преку целата година

Милано (Area C)

Забрана за сообраќај во центарот на Милано
Одредба: Градска патарина
Важност: За сите возила, вклучувајќи и странски, со исклучок за мотоцикли, електрични и хибридни возила, возила со погон на автогас или метан. Пристапот во Area C е забранет за возила со бензински мотор со норма Euro 0 и за возила со дизел мотор со норма Euro 0, 1, 2 и 3 коишто се подолги од 7,5 метри.
Период: Преку целата година, во работните денови од 7.30 до 19.30 часот (четврток од 7.30 до 18 часот) се наплаќа дневна пропусница за Area C во висина од 5 евра

Болоња

Забрана за сообраќај во центарот на Болоња
Одредба: За пристап во заштитената зона мора да се купи билет за животна средина. Поластен пристап за возила со емисија на СО2 до 80 g/km
Важност: За сите возила, вклучувајќи и странски.
Период: Преку цела година, меѓу 7 и 20 часот

Јужен Тирол

Забрана за сообраќај во: Бозен и Бриксен

Одредба: Се однесува на возила од категориите Euro 0, Euro 1, Euro 2 Diesel (само Бозен) и мотоцикли со двотактен мотор, со и без катализатор (само Бозен).

Период: Преку целата година од понеделник до петок (освен празници) во време меѓу 7 и 10 часот и меѓу 16 и 19 часот

Норвешка

норвешка

Забрана за сообраќај во центарот на Берум, Берген, Бодо, Хагесунд, Кристијансанд, Намсос, Норд-Јарен, Осло, Тонсберг, Трондхајм.
Одредба: Градска патарина, наплатата се врши автоматски, на 170 наплатни станици по електронски пат со скенирање на возилото.
Важност: За сите возила
Период: Преку цел ден, преку цела година

При зголемени вредности на озон, во Осло може дополнително да се изрече забрана за пристап во градот. Висината на таксата за пристап во градскиот центар е различна, од 12 круни во Хогаландет до 31 круна во Осло. Ослободени од наплата на такса се електричните и плагин-хибридните возила, исто како и мотоциклите и мопедите.

ПОРТУГАЛИЈА

португалија

Забрана за сообраќај во: Центарот на Лисабон
Одредба: Еколошки заштитена зона
Важност:
Зона 1: дозволени се возила над класа 3
Зона 2: дозволени се возила над класа 2
Период: Понеделник до петок, меѓу 7 и 21 часот

ШВЕДСКА

шведска_патарина

Ограничување на сообраќајот во: Стокхолм, Гетеборг
Одредба: Градска патарина
Важи за : Сите возила, вклучувајќи и странски
Период: Преку цела година; Во Стокхолм од понеделник до петок, меѓу 6.30 и 18.29 часот. Во Гетеборг од понеделник до петок, меѓу 6 и 18.29 часот. Висината на наплатата на таксата зависи од моментот на пристапување во еколошки заштитената зона. Забраната не важи во викенди, за празници, ден пред празник и во текот на јули.

Наплата на патарина во Стокхолм

При влегувањето во градот се минува низ наплатни станици, на коишто е прикажан износот за плаќање. Патарината не се плаќа веднаш, туку отпосле.

Висината на патарината се движи меѓу 10 и 20 круни и зависи во кој период од денот во се пристапува во заштитента зона. При влез наутро и попладне, за време на најголемиот сообраќаен интензитет, таксата е повисока.

Регистерските ознаки на возилото се фотографираат со камера при минувањето низ станицата и се одредува сопственикот. На крајот на месецот, на сопственикот му пристига сметка за наплата.

УНГАРИЈА

унгарија_сообраќај

Ограничување на сообраќајот во: Будимпешта и други градови (при смог-аларм)
Одредба: Делумна забрана за сообраќај
Важи за: Возила од категорија Euro 0, Euro 1, Euro 3, какои Euro 2 (произведени пред 1995)
Период: При смог-аларм може привремено да се изрече делумна забрана за сообраќај. За непочитување на забраната може да се изрече казна во висина до 30.000 форинти.

Смог-аларм се објавува најмалку еден ден (обично два дена) пред воведувањето ограничување во сообраќајот. Дополнително, во Будимпешта може да се одреди ограничување на брзината до 20 или 30 километри на час.

Нови правила за ограничување на сообраќајот во европските градови

Франција, Париз:

Од први јули 2016 е воведена еколошки заштитена зона во Париз, којашто го опфаќа делот од градот во рамките на градската обиколница (булевар периферик). Самата обиколница не е дел од зоната.

Со воведувањето на еколошки заштитената зона се ограничува сообраќајот со постари моторни возила и мотоцикли во работните денови (понеделник до петок) меѓу 8 часот и 20 часот.

Забраната за сообраќај важи за сите возила со прва регистрација пред 1-ви јануари 1997 и мотоцикли регистрирани пред 1-ви јуни 2000. Истото важи и за странски возила.

Докажувањето на правото за возење досега се вршеше врз основа на сообраќајната дозвола. Веќе од 1-ви јануари 2017, на возилата мора да се постави еколошка плакета.

Франција, Гренобл:

Во Гренобл се воведува еколошка зона од 1-ви јануари 2017. Пристапот се забранува за моторни возила со тежина до 3,5 тони и прва регистрација пред 30-ти септември 1997. Возилата мора да поседуваат плакета за влегување во градот.

Во поширокиот регион на Гренобл од 1-ви ноември е воведена заштитна зона којашто опфаќа 49 градови и села, вклучувајќи и автопат. При надминување на лимитот се објавува аларм за заштита, преку електронски сообраќајни табли, регионалните електронски медиуми и дневниот печат.

Мерките за заштита може да бидат намалување на дозволената брзина за 20 км/х на сите патишта, до забрана за сообраќај за возила без плакета. Во деновите со аларм се повластени цените за јавниот сообраќај и паркиралиштата.

Чешка, Прага:

Од 1-ви јануари 2016 во Прага е воведена еколошка зона, којашто важи и за странските возила. за влез во зоната е потребна еколошка плакета. Новата одредба требаше да стапи во сила со почетокот на следната година, но преодниот период е одложен на неодредено време и во зоната уште се пристапува без плакета.

Белгија, Антверпен:

Во февруари 2017 во Антверпен ќе стапи на сила еколошка зона, којашто слично како во Лондон ќе функционира преку онјалн-регистрација.

Од 2018 година ќе се воведе еколошка зона и во Брисел.

Норвешка – Осло, Трондхајм и Берген

Градовите Осло, Трондхајм и Берген планираат дополнително на градската патарина да се воведе и еколошки заштитена зона. Целта е пристапот за возилата со пониска норма Euro да се оптоваруваат со повисоки давачки отколку автомобилите со класа Euro 6.

Препораки за користење на средствата за јавен превоз

Правилата во различните еколошки зони и ограничувањето на сообраќајот во европските градови честипати наидуваат на промени. Поради тоа, градските власти препорачуваат навремено информирање за актуелните одредби, а во најдобриот случај, користење на средствата за јавен превоз.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тест: Toyota Auris 1.33 Terra

Спортскиот двосед S500 е првиот автомобил на Honda