за

Кина воведува построги норми за емисија на штетни материи

Кинеската влада реагира на енормната загаденост на воздухот во земјата и ќе воведе построги норми за емисија на штетни материи од возилата.

Министерството за заштита на животната средина на Кина најави дека од средината на 2020 година ќе воведе построги еколошки норми за автомобилите. Од следната декада, стандардите за новите автомобили во Кина ќе бидат исти со оние што важат во Европа и во САД. Тоа значи дека автомобилите тогаш ќе мора да располагаат со подобра катализаторска техника, посовремени системи за впрскување на горивото и оптимирани комори за согорување.

Со оваа најава, кинеската влада реагира на високата загаденост на воздухот, особено во северниот дел од големата азиска земја. Во Кина моментно се произведуваат најмногу возила во светот, но техничките стандарди на повеќето модели заостануваат зад автомобилите од западните марки.

Заедно со построгите норми за емисија на штетни материи, Кина ќе воведе и квота за електрични автомобили. Тоа значи дека автомобилските марки ќе мора да постигнат одреден удел на електрични возила во вкупната продажба, во спротивно ќе им се ограничи продажбата или производителите ќе мораат да купуваат „кредити“ од конкурентите коишто ја надминуваат минималната квота. На овој начин дополнително ќе се поттикне продажбата на возила со ниска емисија на штетни материи, но ќе профитира и домашната продукција на електрични возила.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Спортскиот двосед S500 е првиот автомобил на Honda

Mercedes со нови идеи на саемот за електроника во Лас Вегас