Mercedes-Benz SL – Фасцинација што трае шест децении. Тоа е насловот на новата книга за легендарната моделска серија од Штутгарт. На 528 страници се објавуваат податоци за сите генерации на SL, почнувајќи од 1952 година, до актуелниот модел за 2017 година – од прва рака, затоа што издавач на книгата е самиот Daimler.
Тоа дава ексклузивност на изданието со повеќе од 800 досега необјавени фотографии, детални табели и целосно претставување на сите специјални серии од SL. Преку скенирање на кодовите низ содржината може преку мобилен телефон да се прегледаат и историските филмови, рекламни спотови и проспекти за моделот.
„На 6-ти февруари 1954, Mercedes-Benz предизвика светска сензација со претставувањето на 300 SL“, пишува во предговорот Ола Келениус, член на управниот одбор на Daimler. Развиен од истоимениот тркачки автомобил од 1952 година, 300 SL беше најбрз сериски автомобил во тоа време, автомобил од соништата. Меѓу највпечатливите детали се крилестите врати, условени од иновативната цевна рамка. Првиот SL и денес се вбројува меѓу најубавите автомобилски икони и најценети олдтајмери.
Ексклузивни архивски материјали во книгата во издание на самиот Daimler
Daimler објави многубројни ексклузивни архивски материјали, меѓу другото и поглед во дизајнерското студио во средината на 1960-те години, кога се осмислуваше наследникот и се испробуваше варијанта со средишен мотор, како дополнување на понудата од модели.
Книгата со оригинален наслов „Mercedes-Benz SL – Faszination seit sechs Jahrzehnten“ е со димензии 23,5 х 31,2 сантиметри и чини 69 евра во издавачката куќа Motorbuch-Verlag од Штутгарт, а може да се нарача и преку Amazon.
















