Од следната пролет во алжирскиот град Релизан ќе се врши монтажа на модели од повеќе марки на концернот Volkswagen. Партнер на германскиот гигант е локалниот дистрибутер, кој лани пласирал над 30.000 возила во земјата на северозападот на Африка.
Концернот Volkswagen потпиша договор за соработка со својот диструбутер во Алжир, со којшто се предвидува отпочнување со изградба на фабрика за монтажа на возила во градот Релизан во северниот дел од земјата. Првите возила ќе почнат да излегуваат од монтажните ленти веќе во следната пролет. Дневната продукција ќе изнесува над 100 возила од марките Volkswagen, Seat и Skoda, како и доставни возила на Volkswagen.
На површина од 150 хектари ќе се гради нова хала за монтажа во близина на градот Релизан, којшто се наоѓа околу стотина километри западно од престолнината Алжир. Таму ќе се произведуваат моделите Volkswagen Golf, Seat Ibiza, Skoda Octavia и Volkswagen Caddy.
Германскиот концерн има малцински удел во заедничката компанија. Фирмата Sovac е дистрибутер на возилата од марките Volkswagen, Audi, Seat, Skoda и Porsche уште од 2001 година. Лани оваа фирма пласирала над 30.000 нови автомобили на пазарот во Алжир.
















