Концернот Volkswagen остана имун на американските напади и продолжува да ја зголемува продажбата. Силен поттик пристига од Централна и Источна Европа, кадешто само во мај се продадоа за 12% повеќе возила.
Од сите автомобилски марки во концернот Volkswagen, во мај се продале 871.500 возила или за 1,6 процент повеќе отколку во истиот месец лани. Според тоа, во изминативе пет месеци, концернот од Волсбург продал 4,2 милиони возила, што одговара на раст од 0,8 проценти. Постојат поголеми разлики во трендовите на регионално ниво. Во Европа, на пример, мајската продажба забележала раст од 4,6 проценти, со 369.500 возила.
Целиот западноевропски пазар го подржува германскиот концерн во период кога е под силен напад од другата страна на океанот во обид за заштита на сопственото производство на автомобили. Мајскиот раст во земјите од Западна Европа изнесува 3,4 проценти, со најголеми импулси од домашниот пазар, Франција и Италија. Уште поголем раст во продажбата е реализиран во регионот на Централна и Источна Европа, со сензационални 11,7 проценти. Во мај, на кризниот руски пазар се продадени 13.200 возила или за 7,5 проценти повеќе отколку во истиот месец лани.
Volkswagen паѓа во Северна Америка, но Audi и Porsche надоместуваат двојно
Во Северна Америка, концернот до крајот на мај продал 367.200 возила, како резултат од негативниот имиџ што е фрлен врз марките на Volkswagen. Влијанието на нападот е различно врз одделните марки. Додека Audi и Porsche бележат значителен пораст, продажбата на Volkswagen е во опаѓање. Во Јужна Америка исто така има негативен тренд, со 20,4 проценти пад и вкупно 38.100 продажби во мај, што се должи главно на влошената конјунктура во Бразил.
Регионот на Азија и Пацификот во мај апсорбирал 341.600 возила (+4,1%), со најсилен импулс од Кина (+4,9%) и Јапонија. Во првите пет месеци, во овој регион се продадени вкупно 1.708.400 возила или за 3,3 проценти повеќе отколку во истиот период лани.
















