Специјалистот за теренски возила од јули ќе стартува со испорака на првите возила произведени во новата фабрика на Jaguar Land Rover во бразилската Итатиаја. Ова е прва сопствена фабрика на JLR надвор од Британија.
Првите примероци од Range Rover Evoque и Land Rover Discovery Sport од бразилска продукција ќе се најдат во рацете на сопствениците веќе од јули. Jaguar Land Rover официјално стартуваше со производство во Итатиаја, како прва фабрика во целосна сопственост на групацијата лоцирана надвор од Велика Британија. Постоечката фабрика во Кина, отворена пред две години, претставува заедничка инвестиција со локален партнер, како што пропишуваат кинеските закони.
Land Rover веќе е пазарен лидер во сегментот на премиум спортски теренци од средната класа, со една третина учество на големиот бразилски пазар
Land Rover е присутен на пазарот во Бразил над 25 години и моментно е лидер во сегментот на премиум спортските теренци. Во првите пет месеци од годинава, продажбата на Land Rover и на сестринската марка Jaguar забележа раст од 11 проценти. Впечатлива е стапката на пораст на Jaguar од 70 проценти во периодот од јануари до мај.
Бразил е меѓу 15-те најголеми пазари на Jaguar Land Rover, со Range Rover Evoque, Range Rover Sport и Land Rover Discovery како најпродавани модели на групацијата. Вкупно 35 дилери ги покриваат сите главни територии на големата држава во Латинска Америка.
Клучните факти за Jaguar Land Rover во Бразил:
- Jaguar Land Rover е прв британски производител на автомобили со фабрика во Бразил
- 400 лица се вработени во фабриката
- Land Rover е водечка премиум марка во сегментот на спортските теренци во Бразил, со една третина учество на пазарот
- Jaguar Land Rover е присутен на бразилскиот пазар 25 години
- Вкупната инвестиција до 2020 година ќе достигне 240 милиони фунти
- 70% од продажбата на Jaguar Land Rover во земјата отпаѓа на Range Rover Evoque и Discovery Sport
- 1.000 работни места се отвораат во локалните фабрики на добавувачите
- 35 дилери на главните територии на земјата
















