Гамата на серијата „90“ на Volvo уште не е комплетирана. По лимузината и комбито следува блага теренска верзија со зголемено растојание од подлогата, заштита на подвозјето и стандарден 4×4, како замена за XC70.
Volvo во моментов е во завршно тестирање на следната моделска изведба во серијата „90“, на верзијата V90 Cross Country, како вообичаено дополнување на понудата за шведската марка. По пример на верзиите V60 Cross Country и V40 Cross Country, наскоро врз основа на комбито V90 следува верзија со оваа традиционална ознака за Volvo, со зголемено растојание од подлогата, стандарден погон на сите тркала, заштита на подвозјето и неколку практични каросериски детали, како носачи за багаж на покрив.
Понудата од мотори во идниот V90 Cross Country ќе биде преземена од стандардната верзија на комбито V90, поточно ќе бидат преземени само најсилните мотори. Станува збор за бензинската верзија T6, со дволитарец со комбинација одтурбокомпресор и механички компресор, со 320 КС и 400 њутнметри, како и за дволитарскиот дизел D5 со 235 КС и 480 њутнметри. Секако дека Швеѓаните нема да ја пропуштат хибридната верзија T8, со комбинација на моторот од T6 и електромотор со 87 КС, односно системски 407 КС и 640 њутнметри.
















