Во редовниот извештај до сообраќајната полиција во Калифорнија, Google навел дека возачите морале во „само“ 13 случаи да преземат контрола над роботизираниот автомобил за да спречат судир.
Интернет гигантот Google објави извештај во којшто се докажува дека неговите роботизирани автомобили уште не можат да се движат самостојно без помош од возачот. Од есента 2014, возачите морале во 13 случаи да ја преземат контролата од интелигентната електроника во возилото, за да се спречи незгода.
Во три од случаите, однесувањето на другите возачи ја предизвикало опасноста од судир, а во два случаи имало проблеми со препознавањето на пилоните за обележување на патот. Дека техниката сепак созрева укажува фактот што за три месеци во 2014 година се случиле осум критични ситуации, додека за единаесет месеци во минатата година нивниот број се намалил на само пет.
Во 272 случаи, софтверот во возилата препознал проблеми и ја препуштил контролата на возачот. Наспроти тоа, вработените во Google сами го презеле управувањето со возилото во други 69 ситуации и на тој начин биле избегнати 13 можни судири. Компанијата е обврзана на властите редовно да им испорачува обемни извештаи за тестовите со автономните возила. Концернот има визија своите возила целосно да ги ослободи од волан и педали, за возењето да му се препушти само на компјутерот. Google најави дека конференцијата I/O годинава ќе се одржува на друга локација, во Амфитеатрот Шорлајн, кадешто се претпоставува дека ќе бидат демонстрирани и можностите на автономните возила.
















