Британскиот „Сан“ пишува дека новиот водител на (некогаш) популарното телевизиско шоу повратил за време на снимањето на сцените со брзо возење. Претходно беше објавено дека Еванс не може во исто време да зборува и да вози.
Можете да замислите епизода на „Топ Гир“ без лудачко забрзување, ловење на опашот во свијок или сопирање од коешто се бранува асфалтот? Секако дека сето ова е задолжителен дел на автомобилското шоу коешто стекна светска слава со триото Џереми Кларксон, Ричард Хамонд и Џејмс Меј. Но, триото веќе не го работи „Топ Гир“. Носечки дел од новиот водителски состав е Крис Еванс, во јавноста повеќе познат како радио-диџеј. Но, Крис очигледно има големи проблеми со стилот на возење на неговата колешка Сабине Шмиц. Британскиот „Сан“ објави фотографии на коишто се гледа како Крис Еванс стои наведнат покрај патеката, во став што не укажува на ништо друго освен на повраќање.
Британските медиуми претходно пишуваа дека Еванс не може во исто време да вози и да зборува. Изворот на оваа информација е директно од вработен во каналот BBC, кој открива дека на Крис Еванс во просек му се потребни десет повторувања за успешна снимка. Легендарната тројка Кларксон, Хамонд и Меј сето тоа го правеа многу поспонтано.
Каналот BBC, пак, настапува со сосема спротивен став и наведува дека продуцентите се одушевени од способноста на Крис да вози брзо и во исто време течно да зборува пред камерите – за разлика од поранешните водители. Кој ја зборува вистината ќе се дознае откако ќе бидат емитувани првите епизоди. Но, факт е дека доколку Крис навистина има проблеми да зборува и да вози во исто време, тоа може да биде крај за „Топ Гир“. Вистинските ѕвезди во меѓувреме работат на ново шоу за Amazon Prime.
















