Големите имиња во браншата се најдоа затекнати од Tesla Model S, а ништо подобро не е кај кросоверот Model X. Барем конкуренцијата овојпат ќе доцни помалку. Jaguar работи на електричен модел Pace E.
Audi најавува кросовер со електричен погон, Mercedes исто така, но Tesla веќе го има во продажба својот Model X. Марките што би требало да го диктираат развојот на автомобилската бранша ја научија лекцијата од Tesla Model S и не сакаат да ѝ дозволат на малата калифорниска фирма да им го предводи бизнисот и во сегментот на спортските теренци. По претставувањето на F-Pace како свој прв спортски теренец, Jaguar веќе работи и на следниот модел, кој ќе настапува класа подолу и ќе вози и во верзија со погон само на струја. Стартот на продажбата се очекува дури во 2018 година.

Како основа за идниот E-Pace ќе послужи алуминиумската платформа од Land Rover Discovery Sport. Модуларната конструкција на платформата дозволува во подот на возилото да се вградат батерии со капацитет од 70 киловатчасови и два електромотора, напред со моќност од 116 КС, назад со 197 КС. Land Rover веќе ја прикажа оваа техника во Concept-e.
Jaguar моментно ја тестира техниката од идниот E-Pace, во модифицирана каросерија од Range Rover Evoque. Серискиот модел сепак ќе се раководи според дизајнот на F-Pace, но ќе има помали димензии на каросеријата. Освен изведбата со чисто електричен погон, во план е и верзија со плагин-хибриден погон, а секако дека ќе се нудат и верзии со конвенционални мотори од новата генерација на концернот Jaguar Land Rover. Исто како конкурентите, E-Pace ќе биде достапен во верзии со погон на сите тркала и со заден погон. Производството веројатно ќе се одвива во австрискиот Magna-Steyr, каде што Британците веќе ги резервираа производствените капацитети.
















