Пазарот на автомобили во Русија се стеснува се повеќе, но за луксузните автомобили како да не постои криза. Porsche е една од малкуте марки што лани успеаја да ја зголемат продажбата.
Иако рускиот пазар се наоѓа во тешка криза, спортската марка Porsche постигна значително зголемување на продажбата во минатата година. Марката од Цуфенхаузен успеа да стокми близу 5.300 руски купувачи во своите автомобили, што е за 12 проценти повеќе отколку преклани. Со тоа, Porsche е една од малкуте марки што бележат позитивни резулатати од продажбата на рускиот пазар.
Тешката економска криза во најголемата земја во светот предизвика пазарот на автомобили да биде во постојано опаѓање од 2013 година. Лани се продале за 36 проценти помалку возила на рускиот пазар, а ниту за оваа не се очекуваат поразлични резултати. Во последните неколку години се прошири кругот на купувачи што можат да си дозволат Porsche. Увозниците исто така нудат програми за кредитирање, така што во салоните на луксузните марки поретко се случува да дојдат купувачи со куфер пари.
Секако дека и дилерите на Porsche не седат со скрстени раце и ангажирани се во привлекување на интересот на купувачите преку организирање на специјални настани и пробни возења. Планот за 2016 година е двојно зголемување на продажбата на спортската марка. За таа цел ќе се отвораат нови салони во милионските градови низ државата. Во моментов околу 60 проценти од продажбата се постигнуваат само во престолнината Москва.
















