Третиот спортски модел од Mercedes-AMG вози по терен: GLE 450 AMG

AMG продолжува со проширувањето на понудата и го претставува GLE 450 AMG 4MATIC како трет модел во новата спортска потсерија. Моќниот теренец е подостапен од класичните верзии на AMG, но сé уште го има спортскиот ген.

Големиот теренец GLE не се разликува од останатите спортски модели во третманот што го доби кај специјалистот AMG: Трилитарскиот бензинец со битурбо натполнење располага со повеќе коњски сили и њутнметри, моделот го добива подвозјето дотерано од сопствените техничари, а дополнително располага и со спортско директно управување, со деветстепен автоматик 9G-Tronic и со постојан погон на сите тркала 4Matic, со нагласок на задната оска, односно со постојана распределба на вртежниот момент во сооднос 60:40 меѓу обете оски.

„Со нашите спортски модели правиме технологијата во нашите спортски автомобили и типичното чувство во возењето на AMG да бидат достапни за нов круг купувачи,“ појаснува Тобијас Моерс, директор на Mercedes-AMG GmbH. GLE 450 AMG е трет спортски модел од AMG, по C 450 AMG и GLE 450 AMG Coupe, како дел од новата спортска потсерија, позиционирана под екстремните верзии на Mercedes-AMG, но затоа и подостапна за поширок круг купувачи.

Возните својства профитираат дополнително од приспособливата пневматска амортизација и од распределбата на 60 проценти од вртежниот момент кон задната оска
Возните својства профитираат дополнително од приспособливата пневматска амортизација и од распределбата на 60 проценти од вртежниот момент на задната оска

Во возењето може да се избира меѓу пет различни програми – индивидуална, комфорна, за лизгава подлога, спортска и напредна спортска програма – кои што влијаат различно врз реакцијата на гасот, ослободувањето на моќноста, менувањето на степените на пренос и брзината на менувањето, како и врз амортизацијата, управувањето, звукот на моторот и инструментите.

Постојаниот погон на сите тркала е посебно изведен да работи во корист на динамиката во возењето, со нагласокот на распределбата на вртежниот момент кон задната оска. Со 60 проценти од силата кон задната оска се постигнуваат повисоки брзини во свијоци, заедно со дотерани алгоритми на работа на контролата на тракцијата, на контролата на стабилноста и на системот за регулација на погонот на сите тркала 4ETS. Во AMG го заменија и задниот диференцијал со свој, со преносен однос скусен на 3,47:1.

Пневматска амортизација во серија, заедно со спортско директно управување

Спортската изведба на GLE доаѓа стандардно со пневматска амортизација, со безстепено менување на тврдоста на амортизацијата и автоматско регулирање на висината. Зависно од избраната програма за возење, амортизерите можат да работат или максимално комфорни или максимално спортски. Притоа, електрониката постојано го надгледува однесувањето на возилото преку пет сензори, по што контролната единица ја одредува силата на придушување за секој амортизер посебно. Во двете спортски програми, подвозјето се спушта за 15 милиметри.

GLE 450 AMG се распознава однадвор по двете хромирани издувни цевки и црните бандажи од 20 инчи, полирани до висок сјај, заедно со ексклузивни каросериски детали во црна или сребрена боја. Во внатрешноста пречекуваат спортски волан зарамнет оздола и обложен со мека телешка кожа Напа, украсни делови од алуминиум брусени надолжно и спортски педали од четкан челик.

Технички податоци · Mercedes-Benz GLE 450 AMG 4MATIC

Мотор Бензински V6, директно впрскување, битурбо, 2.996 cm3, моќност 367 КС при 5.500/min, вртежен момент 520 Nm при 2.000–4.200/min Менувач 9-степен автоматски менувач 9G-TRONIC Погон Постојан погон на сите тркала 4Matic, распределба на вртежен момент напред/назад 40:60 Димензии Д/Ш/В 4.816/1.926/1.762 mm, меѓуоскино растојание 2.915 mm, тркала 9 J x 20, гуми 265/45 R 20 Перформанси 0-100 km/h за 5,7 s, крајна брзина 250 km/h Потрошувачка 8,6 l/100 km

Претходна објаваПрегорените светилки секогаш заменувајте ги во пар
Следна објаваДали скоро го обновивте софтверот на вашата Tesla?

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here