Кај Tesla тоа успева преку интернет. Со последниот апдејт, Tesla Model S ќе може да управува самостојно. Ако му се верува на шефот Илон Маск, воланот и педалите наскоро ќе станат вишок во нашите автомобили.
Автомобилите на Tesla Motors отсега можат самостојно да управуваат во сообраќајот. Шефот на Tesla, Илон Маск, дополнително ја разгоре еуфоријата околу неговата марка, откако на конференција за медиуми најави софтверски апдејт што ќе овозможи Tesla Model S да управува самостојно – барем малку.
Софтверскиот апдејт што се дистрибуира под името „Аутопилот“ засега ќе се нуди само во САД и сопствениците на Tesla Model S ќе го добијат новиот софтвер во нивните автомобили буквално преку ноќ. Истото ќе следи наскоро и во Европа. Пред точно една година, Tesla започна да го вградува неопходниот хардвер за автономно возење во Model S. Во хардверот спаѓаат предна камера, радарски и ултразвучни сензори, како и електронски регулирани сопирачки.
На чекор поблиску до вистинското автономно возење
Со последниот софтверски апдејт, верзија 7.0, Tesla им овозможува на вкупно 60-те илјади сопственици на овој автомобил со електричен погон да му препуштат на возилото самостојно да го одржува растојанието од возилото напред и да го следи истото како што се движи по сообраќајната лента. Со вклучување на трепкачите се активира постапка за самостојно престигнување на други возила. Автомобилот има контрола и врз сопирачките, како асистенција за избегнување опасност и спречување незгоди. Дека Tesla Model S може да паркира самостојно, тоа е сосема очекувано. Сите овие можности ќе бидат дел и од новиот кросовер Model X.

Илон Маск сепак нагласи дека првиот апдејт е само бета-верзија. До комплетно автономните возила ќе треба да минат уште неколку години. Од безбедносни причини, сé уште мора да се држи воланот. Според тоа, возачот е одговорен при евентуална незгода. Маск додаде дека е важно за сопственикот „во оваа рана фаза да биде внимателен. Но, еден ден повеќе нема да има волани и педали. На автомобилот само ќе му се наведе целта и тој ќе се упати таму.“
[pull_quote_left]Замислете систем што поседува осум камери, како и радарски и ултразвучни сензори, што никогаш не се заморува, не пие и не се кара со кој и да било во автомобилот[/pull_quote_left]
Новиот софтвер уште не може да функционира беспрекорно на сите патишта. Кога лентите се разделуваат комплицирано, техниката уште затајува. Шефот наведува: „Во ситуации со густ сообраќај, тоа е вистински благодат. При застој што се движи бавно, системот функционира одлично, речиси дотаму што може да се тргнат рацете од воланот.“ Tesla ќе продолжи да ги собира и обработува податоците од досега опремените возила. На тој начин системот ќе учи и постојано ќе се подобрува. Според Маск, по неколку години автономната технологија ќе ги надмине возачките способности на просечен возач. „Замислете систем што поседува осум камери, како и радарски и ултразвучни сензори, што никогаш не се заморува, не пие и не се кара со кој и да било во автомобилот.“
Модулот за автономно возење чини 2.500 долари и не може да се догради во моделите од претходните годишта, затоа што не постои финансиска исплатливост. Калифорнискиот мултимилијардер предвидува дека комплетно автономен модел на Tesla би се појавил на улиците најдоцна за три години. Проблем остануваат единствено законските регулативи, кои треба прво да ги разрешат сите прашања и одговорности во сообраќајот со автономните возила.
















