Дванаесет цилиндри, 635 КС, 2,3 тони. Bentley Continental GT Speed е претерување на тркала, особено по последниот фејслифт. Иако не изгледа така, тој е спортскиот автомобил на британската марка.
Кога станува збор за автомобили од ковот на Bentley, разумот треба да се остави настрана. Continental GT Speed е спортско купе, кое што во принцип е преголемо, прешироко и едноставно премногу масивно да се вклопи во типичната претстава за спортско купе. Со промените во изгледот на предниот и задниот дел во рамките на последниот фејслифт не се промени ништо во тој поглед. Conti GT Speed и натаму изгледа како огромна карпа што „некој“ британски уметник ја претворил во уметничко дело. Се е во „стил“: Огромна маска што прави човек да побегне од страв, хром што сигурно тежи колку половина нормален автомобил и џиновски бандажи што изгледаат како да јадат по еден чифт обични тркала за доручок. За овој автомобил да се окарактеризира како убав, потребно е човек долго време да има навикнато да живее во изобилство.

Второто име, Speed, сугерира дека во овој автомобил работи најсилниот мотор што може да се добие во Bentley. Фејслифтот не смен ништо во моторот, тој уште претходно имаше 12 цилиндри, 635 КС и вртежен момент од 820 њутнметри. Додавање неколку десетици коњски сили немаше да промени многу во перформансите на спортсково купе што тежи 2,3 тони. Замислете само колкава треба да биде таа моќ што е способна да обезбеди спортски перформанси на автомобил што тежи 2,3 тони – празен.
Забрзувањето до сто километри на час трае 4,2 секунди, до сто милји на час 9 секунди. Кој очекува во овој Bentley да добие детска играрија од типот на Launch Control, погрешно се надева. Затоа се добиваат на располагање погон на сите тркала, крајна брзина од 331 километри на час и просечна потрошувачка од околу дваесетина литри. Брзината во GT Speed сепак е од втор интерес. На благородникот зад воланот му е поважно чувството дека располага со толкава моќност, отколку чувството да ја демонстрира моќноста. Ова купе е спортско само затоа што е повеќе спортско од останатите модели на престижната британска марка.
Conti GT Speed може и да се трка ако треба: Но, против кого?
Распределбата на вртежниот момент меѓу оските е со акцент на задните тркала, со сооднос 40:60, а на дисплејот што реагира на допир може да се избере и спортска програма, кога пневматската амортизација ја менува карактеристиката и работи „спортски“. Покрај тоа, Speed е поспуштен за 10 милиметри од стандардниот GT, геометријата на тркалата е сменета соодветно и амортизацијата е покрута. Но, кој тоа би помислил да се трка со оваа скапоценост? И против кого? Ознаката Continental не се однесува на друго туку на способноста на автомобилов со леснотија да совладува цели континенти, од крај до крај, без возачот и патниците да почувствуваат потреба за одмор меѓу луксузните хотели или вили.
Фејслифтот се однесува првенствено на освежувањето на неколкуте детали во ентериерот, со поинакви штепови во кожата – сопственикот веројатно би можел да ги дознае и имињата на телињата од коишто таа потекнува – а додадени се и неколку системи за асистенција, поддршки за преносни уреди и дисплеи, за сопственикот на Bentley да биде колку толку во чекор со останатите автомобили. Секако дека тука не може да се очекуваат огромни таблети или разноразни светкави ефекти. Bentley сепак мора да биде по малку конзервативен. Или малку повеќе.
Технички податоци · Bentley Continental GT Speed
Mотор 6,0 литри, W12, битурбо, 5998 ccm, 635 КС при 6.000/min, вртежен момент 820 Nm при 2.000/min Погон и пренос Постојан погон на сите тркала 40:60 (варира меѓу 15:85 и 65:35), осумстепен автоматски менувач ZF Подвозје Напред двојни водилки со водење на четири точки, назад трапезна оска со повеќе водилки, пневматска амортизација, сопирачки дискови напред/назад 405/335 mm Димензии и тежини ДхШхВ 4806 х 1944 х 1394 mm, меѓуоскино растојание 2746 mm, ширина на трага напред/назад 1664/1665 mm, празно возило 2320 kg, распределба на тежина 58:42, бандажи 21 инч, гуми Pirelli 275/35 ZR 21, багажник 358 литри, резервоар 90 литри Перформанси 0-100 km/h за 4,2 s, 0-160 km/h за 9,0 s, крајна брзина 331 km/h Потрошувачка (град/пат/просек) 21,8/10,3/14,6 L/100 km, СО2 338 g/km
















