за ,

Прегорените светилки секогаш заменувајте ги во пар

Производителите препорачуваат при прегорена светилка да се замени и здравата светилка. Тоа што изгледа како трик за зголемување на продажбата, всушност е добар совет. Еве зошто.

Откако ќе заврши летното сметање на времето на секого му е јасно дека е важно автомобилот да има добро осветлување. Во услови на рано стемнување, дожд и снег, светлата мора да фукционираат беспрекорно. Повеќето возачи го практикуваат тоа што е најлогично: При прегорена светилка се заменува само тоа што е расипано. Производителите на светилки сепак препорачуваат замената да се изврши во пар, односно веднаш да се замени и здравата светилка.

Тоа можеби изгледа како добар трик за зголемување на продажбата, но се работи само за добар совет. Меѓу другото, секогаш е поевтино кога светилките се купуваат во пар место да се купува само една светилка, барем е така кај производителите што ги дистрибуираат светилките во пар. Но, вистинските причини за тоа се од техничка, практична, па и од естетска природа. Производите од водечките марки денес се произведуваат со исклучително висока точност. Таа точност се однесува и на трајноста на светилките, што значи дека секогаш кога ќе прегори светилка од едната страна, постои голема веројатност дека набрзо потоа ќе прегори и светилката од другата страна.

[pull_quote_left]Да не се заборава дека по секоја замена на светилка треба да следи дотерување на насоченоста на светлосниот сноп.[/pull_quote_left]

Особено е важно насоченоста на светлата да се провери во сервисна работилница по секоја промена на светилките, заради правилно распоредување на светлосниот сноп врз подлогата, но и да се спречи заслепување на возилата отспротива. Покрај тоа, во повеќето сервисни работилници ќе чини повеќе ако се доаѓа двапати за замена на светилка, отколку ако двете светилки се заменат истовремено.

Тоа што нема цена е безбедноста што ја нудат новите светилки и правилно наместените светла во зима, кога секојдневното патување до работа и назад обично се одвива во темница. Дополнителна предност е тоа што возачот може да биде спокоен до завршувањето на зимата дека светилките нема да прегорат. Секако дека сето претходно кажано се однесува и на сигналните светилки на возилото. Кај нив барем не е потребно да се дотерува насоченоста на светлосниот сноп, но и тука важи дека кога ќе прегори едно стоп-светло, набрзо ќе прегори и другото. Затоа, уште еднаш. Светилките секогаш заменувајте ги во пар.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Suzuki Vitara најпродаван модел во Унгарија до септември

Третиот спортски модел од Mercedes-AMG вози по терен: GLE 450 AMG