
Hyundai ќе ја најави подмарката „N“ на претстојниот салон во Франкфурт, преку концептот N 2025 Vision Gran Turismo. Овие спортски модели ќе се потпираат на искуствата на марката во светското рели.
Корејската марка Hyundai ќе ја најави новата серија спортски модели на салонот во Франкфурт. Подмарката означена едноставно со N – аналогно на M GmbH кај BMW – произлегува од искуствата што Hyundai ги стекна преку успешното учество во светското рели и во својата понуда ќе вклучува и моделски верзии подготвени за тркачките патеки.
Концептот N 2025 нема да оди во серија, моделите N ќе бидат екстремни спортски верзии од постоечките моделски серии на Hyundai
Како поткрепа за своите високи амбиции меѓу ентузијастите за спортските возила, Hyundai на салонот ќе ја прикаже и новата генерација на рели автомобилот i20 WRC. Базиран врз новиот i20, рели автомобилот е прв прототип за возилото што ќе се натпреварува за подиумот во светското рели в година. Тестирањето на i20 WRC во моментов се одвива под полна пареа, пред стартот на новиот шампионат со релито Монте Карло.
Најголемо внимание сепак ќе привлече концептот на суперспортско купе, како најава за можностите и очекувањата од идните модели од подмарката N. Концептот Hyundai N 2025 Vision Gran Turismo ќе биде достапен и за фановите на возачките симулации, во виртуелна форма во хиперпопуларната игра Gran Turismo на Playstation.
Тоа што ќе се реализира во сериското производство под подмарката N, ќе го прикаже концептниот автомобил RM15, премиерно претставен на салонот во Сеул. Дволитарскиот турбо со 300 КС сосема сигурно нема да доживее централно вградување, но извесно е дека и тој ќе се користи во идните сериски модели. Конкретни најави со која моделска серија точно ќе стартува понудата на подмарката Hyundai N уште не се дадени, голема е веројатноста дека прва ќе биде претставена верзија од i20, за потоа да следат и i30 и Veloster.















