Во германскиот Брауншвајг наскоро ќе возат градски автобуси со погон на струја. Батериите се полнат за кратко време по пат на индукција додека автобусот мирува на крајната постојка.
За десетина денови почнува редовна примена на автобуси со погон на струја во германскиот град Брауншвајг, по успешното завршување на пробната работа. Пет електрични автобуси ќе ги превезуваат патниците на линијата М19, со којашто дневно патуваат околу 6.000 жители.
Класичниот електричен погон се соочува со многу потешкотии, почнувајќи од малиот досег, долгото времетраење на полнењето и високата цена на електрохемиските батерии. Како тогаш Германците го решиле проблемот и успеале автобус со капацитет за 120 патници да го адаптираат за градски превоз? На вообичаениот начин за нив, со напредна техника.
На дванаесеткилометарската релација на линијата М19 во Брауншвајг има 25 постојки. Градското претпријатие за јавен превоз долги години истражуваше и собираше искуствени податоци, следејќи го бројот на патници на дневно, неделно и годишно ниво, заради воведувањето на електричниот погон и неговото планирање. Целата релација на автобусите на оваа линија трае 39 минути. На крајната постојка, автобусите ги полнат батериите 11 минути, без кабел и каква било интервенција од возачот. Тајната е во тоа што батериите се полнат за кратко време по пат на индукција.
Полнењето на батериите трае само 11 минути – без кабел и без каква било интервенција од возачот
Системот Primove од производителот Bombardier има капацитет на полнење од 200 киловати, што значи дека тука струјата се полни за 50 проценти побрзо отколку на суперполначите на Tesla. Појасно е ако се спореди со домашен приклучок за струја: Полнењето е 83 пати побрзо преку плочата што е вградена во асфалтот. Техниката на безконтактно полнење вообичаено се користи на пример кај електричните четки за заби. Поради тоа што се работи со висока фреквенција, ефикасноста е послаба само за еден до два процента во споредба со полнењето преку кабел.
Но, полнењето без кабел во случајов не е толку важно колку брзината на полнење. Тука сепак станува збор за јавен превоз, и за најважното во него, за исплатливоста. Градскиот превоз би бил во загуба ако автобусите на струја мора да мируваат долго додека се наполни батеријата. Поради брзото полнење и кусата релација се доволни батерии со послаб капацитет, коишто не се премногу скапи. Дванаесетметарскиот автобус на струја што во Брауншвајг се тестира уште од март, има батерии од 60 киловатчасови. Во редовната линија ќе се користат поголеми батерии со 90 киловатчасови. За споредба, електричниот Golf има батерија од 24 kWh за електромоторот со моќност од 85 kW, додека во Tesla Model S со 283 kW се користи акумулатор со 60 или 85 kWh, зависно од изведбата. Како што напредува развојот на погонот на струја, така се намалува и цената на батериите по киловатчас – во иднина уште повеќе.
Трошоците за возење на струја се значително пониски во споредба со дизелот. Во период од десет години се реализира заштеда од преку 100.000 евра во погонски трошоци
Конвенционален автобус со дизел мотор трае 12 години. Потоа, по околу 800.000 километри повќе не се исплатува поправката на моторот и на менувачот. Кај погонот на батерии се очекува нивната трајност да изнесува најмалку шест години, а автобусот да остане во експлоатација 18 години. Во поглед на трајноста на електромоторот, тролејбусите и електричните возови докажуваат дека тој трае без проблеми и преку 30 години.
Покрај тоа што профитираат животната средина и оперативниот буџет на компанијата, корист од електричните автобуси имаат и патниците и возачот. Поради тоа што електромоторот работи речиси нечујно, возењето е потивко и попријатно. Секако дека и жителите покрај чиишто станови минува автобуската линија се помалку оптоварени со бучава.
















