
Успешните модели што се продаваат во милиони ја пишуваат историјата. Но, има и големи утки. Ford Edsel, Alfa Arna и Citroen SX се само неколку од моделите што буквално се бламираа на пазарот.
Дали некој модел ќе се продаде во милиони примероци или ќе му предизвика милионска загуба на производителот не зависи од среќата. Отсекогаш биле успешни само оние автомобили што се иновативни, издржливи и пред времето. Тоа го потврдува и првиот бестселер во автомобилската историја. Ford го претстави моделот T во 1908 година, како прв автомобил за народните маси. Тој имаше едноставна и робусна конструкција и беше прв производ од подвижна лента во индустријата воопшто. Tin Lizzy се продаде во преку 15 милиони примероци до 1928 година.
Со марката Ford воедно се поврзува и најголемиот неуспех во историјата на автомобилите. Незавидната титула му припаѓа на Ford Edsel. Шефовите во концернот во 1950-те години решија да ја пополнат празнината меѓу народскиот Ford и луксузниот Mercury со нова марка наменета за средната класа. Таа го носеше името на починатиот син на Хенри Форд: Едсел.

За развој на автомобилот, за изградбата на производствените хали и на продажната мрежа за марката Edsel беа потрошени околу 400 милиони долари, што одговара на денеши четири милијарди долари. За премиерата на моделот на 7-ми септември 1957 година, Ford организираше сопствено радио шоу со легендите Френк Синатра и Луис Армстронг. Ништо од тоа не помогна. Дури и дизајнот беше утнат. Во формата на впечатливата вертикална маска многумина препознаваа женски полов орган, што беше несоодветно за тогашните конзервативни сфаќања. Покрај утката со дизајнот, автомобилот ја имаше и таа несреќа што имаше катастрофално лош квалитет на изработка. Место планираните 200.000 до 300.000 автомобили годишно, до конечното укинување на марката во 1960 година се произведоа само 110.847 примероци.

На 17-ти февруари 1972, Volkswagen Beetle ја презеде титулата на најпроизведуван автомобил од Ford T со 15.007.034 примероци. Тоа ниту оддалеку не беше крајот на гордоста на германското економско чудо. До крајот на производството во 2013 година, статистиката регистрираше 21.529.464 произведени примероци од „бубата“.
Volkswagen го продолжи успехот на „бубата“ со уште поуспешен модел, со Golf. Од 1974 година, Golf владее со компакт класата, со преку 30 милиони примероци во седум генерации на модели. Конкурентите би биле пресреќни да постигнат само парче од овој успех.

Во 1980-та година конкуренцијата дојде до идеја како да ја прекине превласта на Volkswagen Golf и реши да направи автомобил со италијански дизајн и со издржива техника од Јапонија. Тоа и не беше толку лоша идеја, но само на хартија. На 9-ти декември во таа 1980-та година, Alfa Romeo и Nissan договорија заеднички развој и производство на компактната комбилимузина Arna. До ден денес никому не му е јасно зошто Alfa Arna на крајот заврши со јапонски дизајн и со производство на Југот на Италија.


Автомобилите од највисоката класа исто така не се поштедени од неуспех. Моделската ознака SM беше сосема погодена за тоа што судбината го имаше подготвено за купето на Citroen од високата класа. Дизајнот на Citroen SM предизвика одушевување при премиерата на моделот. Но, во отсуство на соодветен мотор за автомобилот, Французите решија да вградуваат мотори V6 од Maserati, коишто ослободуваа меѓу 154 и 180 КС. Моторите беа недоволно тестирани, се расипуваа секојдневно и трошеа многу гориво. На крај следуваше и нафтената криза во 1973 година. Освен проблематичните мотори, нервози предизвикуваше и чувствителната пневматска амортизација. Неуспехот на Citroen SM го документираат 12.950 примероци произведени за пет години.

Porsche, како производител на еден од најуспешните спортски автомобили на сите времиња, со контиунитет на моделот 911 уште од 1963 година, исто така има искуство со модели што пазарот не ги сакаше. Во партнерство со Volkswagen, во средината на 1960-те години беше развиено заедничко спортско возило. Porsche 914 имаше мотор од Volkswagen, што требаше да ѝ обезбеди спортски имиџ 

Автомобилските утки честопати се резултат и од неиздржливата техника. NSU во 1967 година го претстави моделот Ro 80, како прва германска лимузина со ванкел-мотор, произведена во голема серија. Авангардниот модел со аеродинамична каросерија дури ја понесе и титулата автомобил на годината. Двоцилиндарецот со ротирачки клипови постигнуваше пристојни 115 КС, но поради слабото заптивање меѓу обата цилиндра, моторот брзо испушташе душа. Производителот реши бесплатно да ги замени моторите, но и тоа не помогна да се спречи уривањето на имиџот. Проблем среде нафтената криза во 1973 година беше и ненаситната жед на ванкелот. До 1977 година се произведоа само 37.406 примероци од Ro 80.
Меѓу последните утки со неуспешен дизајн, најмногу се издвојуваат Fiat Multipla и SsangYong Rodius. Каросеријата на овие два вана изгледаше толку невкусно што купувачите бегаа од нив на километри.















