Ford потврди дека новиот Focus RS ќе стартува со продажба наскоро. Покрај тоа, до 2020 година се најавуваат уште 12 модели со врвни перформанси, како дело на специјалниот тим.
Најлутата верзија на компактот Ford Focus наскоро ќе се појави во продажба. Новиот Focus RS ќе биде прв модел од култната серија што ќе се продава глобално. Под хаубата ќе се најде новиот 2,3-литарски бензинец со турбонатполнење и директно впрскување, од генерацијата EcoBoost. Овој мотор моментно се вградува во Ford Mustang, кадешто постигнува моќност од 305 КС, но за Focus RS може да се очекува моќноста да достигне 350 КС. Со тоа, новиот RS ќе има исто толку КС колку Ford Focus RS500 од 2010 година.
Побарувачката за модели со врвни перформанси постојано расте на глобално ниво. Само во Европа, овој сегмент забележа пораст од 14 проценти во споредба со 2009 година, додека продажбата во САД во истото временско растојание достигна зголемување од дури 70 проценти. За трендот да се искористи колку е можно подобро, Ford планира до 2020 година да пушти во продажба повеќе од дузина нови модели со високи перформанси. Ford најавува дека овие модели ќе донесат многу новитети во подрачјата на аеродинамиката, намалувањето на тежината, електрониката, погонот, моќноста и ефикасноста.
Развојот и продажбата на овие модели ќе биде задача на новиот тим Ford Performance којшто ќе дејствува глобално и во себе ќе ги вклучи европскиот Team RS и Special Vehicle Team од Северна Америка. Покрај спортски модели ќе се работи и на соодветен прибор за стандардните и спортските модели. Тимот ќе работи во повеќе развојни центри на Ford, вклучувајќи го новиот технички центар во Шарлота, Северна Каролина. За новиот тим ќе биде задолжен Дејв Перисак.

Спортските перформанси и трките отсекогаш биле дел од имиџот на Ford. Хенри Форд уште пред 113 години има постигнато победа над Александер Виндтон, доготаш најуспешниот американски тркач. Кратенката RS стои за Rallye-Sport. Следната генерација на Ford Focus RS се надоврзува на долга и успешна историја, којашто досега наназад до 1968 година, кога Ford 15m RS жареше и палеше по тркачките патеки. Првиот европски RS е Ford Escort RS1600 од 1970 година. Првата генерација на Focus RS се појави во 2002 година. Во споредба со стандардните модели, предните крила беа значително проширени со цел да се ослободи простор за големите бандажи од 19 инчи со гуми 235. Предниот и задниот браник беа целосно сменети, а назад се наоѓаше и импозантен дифузор, заедно со заден спојлер. Овој модел забрзуваше до сто за 6,0 секунди и постигнуваше 260 km/h.
















