Пикапот од Dacia Duster стаса и до Бразил

Долго се шпекулира околу пикапот на Dacia. Тој се појави во минатиот месец, но само како серија нарачана од една романска компанија. Плановите за пикапот сепак изгледаат малку поинаку.

Renault, како сопственик на романската марка, најави светска премиера на концептниот автомобил Duster Oroch за салонот во Сао Пауло во почетокот на идниот месец. Пикапот Duster Oroch е дело на дизајнерскиот центар на Renault во Бразил и наводно претставува само стилска вежба за возило за рекреација со простор за петмина патници и робусност на вистински теренец. Но, ако се има во предвид дека 75 проценти од пазарот на доставни возила во Јужна Америка го сочинуваат пикапи, со преку 900.000 примероци годишно, тогаш станува јасно дека не се работи за вежба на дизајнерите, туку за финална проба како пазарот ќе реагира на идејата Dacia да пушти на пазарот пикап на база на одличниот Duster. Меѓу другото, Renault веќе најави дека планира да пушти два пикапа во регионот.
Носот на Duster Oroch ги презема линиите на концептниот автомобил D-Cross од бразилскиот салон пред две години, претставен како реинтерпретација на стандардниот Duster.

Од „салонската“ опрема, Oroch поседува интегрирани носачи за багаж на покривот, како заштита за големиот стаклен покрив, потоа носечка платформа предвидена за транспорт на спортски реквизити, две камери за снимање на спортските активности зад возилото со покриеност од 80 и 140 степени, бандажи од 18 инчи со гуми 255, и секако, заштитни панели по целата површина на каросеријата. Во кокпитот се наоѓа голем дисплеј за прикажување на снимките од задните камери, како и џојстик за управување со истите.

Претходна објаваMini ќе плаќа отштета за лажираната потрошувачка во САД
Следна објаваAudi R8 competition во ексклузивна серија од 60 примероци

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here