за

Audi R8 competition во ексклузивна серија од 60 примероци

За претстојниот салон во Лос Анџелес е најавена премиерата на специјалната серија од суперспортското купе на Audi со 570 КС и каросерија олеснета со карбонски елементи.

Американската филијала на Audi го најави дебито на специјалната серија R8 competition на претстојниот салон во Лос Анџелес. R8 competition е најсилната верзија на суперспортското купе, a воедно и најблиска до натпреварувачките болиди на Audi, конкретно до R8 LMS којшто победи буквално на сите трки кадешто се појави. Серијата од 60 примероци е наменета само за пазарот во САД и поседува 5,2-литарски V10 со 570 КС, во ексклузивна комбинација со седумстепен менувач S tronic и спортски издув. Во ова издание, R8 забрзува до 60 mph, односно 96 km/h за само 3,2 секунди и постигнува 320 километри на час, што го прави најбрз досега произведен примерок од моделот. Атмосферскиот мотор V10 FSI е ист како во Audi R8 LMS, којшто победи на 24-часовните маратонски трки во Дајтона и Нирбургринг.

Следната ексклузивност на „competition“ е примената на карбон за задниот спојлер и капакот на моторот, ретровизорите, страничните панели, предниот спојлер и задниот дифузор. Со примената на карбонот значително се смалува тежината на возилото, дополнително со ефектот на спуштање на тежиштето, што на крајот влијае и врз перформансите и врз возните својства на R8 competition. Во пакет доаѓаат и бандажи во црна сјајна боја со гуми 305, керамички сопирачки и црвени сопирачки клешти, за контраст со сивите карбонски елементи.

Во внатрешноста исто така се користи карбонот, на пример за средишната конзола и за осветлените прагови на вратите, со испишано „competition“. Како дел од ексклузивната серија на модели на Audi, купувачите ќе имаат можност да избираат бои што се недостапни за „стандардните“ верзии на R8. Вкупно 60 примероци ќе се изработат во фабриката во Некарсулм почнувајќи во ноември, а испораките ќе следуваат во почетокот на следната година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пикапот од Dacia Duster стаса и до Бразил

Fiat со спектакуларен концепт на салонот во Бразил