Италијанската марка ќе има еден од највпечатливите настапи на салонот во Сао Пауло со концептниот автомобил FCC4, во досега невиден спој на пикап и купе лимузина.
Концептниот автомобил што Fiat ќе го прикаже на најголемиот салон на автомобил на континентот точно го погодува вкусот на јужноамериканските купувачи. Во основата купе, FCC4 е нешто што досега го немаме видено од Fiat, но и во целата автомобилска бранша. Петметарската креација почнува со кабина на купе-лимузина со легнато задно стакло, за веднаш под линијата на прозорците да продолжи со каросерија на робусен пикап. Италијанските дизајнери несомнено ќе предизвикаат жестоки дискусии со овој концептен автомобил.
Fiat не ги открива техничките детали, но нема да биде изненадување FCC4 да користи платформа што е веќе подготвена за сериско производство. За 2016 година е најавена премиерата на пикапот на Fiat, што Италијанците го развиваат заеднички со Mitsubishi и овој концепт може да биде навестување на дизајнeрскиот правец на идниот италијански пикап.
















