Јапонците не додржаа да го остават новиот компакт да биде „обичен“. Како специјалисти за брзи автомобили, меѓу другото, инженерите во Nissan го претворија новиот Pulsar во тркачка машина.
Новиот компакт на Nissan уште не се има појавено во сите продажните салони на марката низ Европа, а спортското одделение веќе ја подготви „лутата“ верзија на Pulsar. Автомобилот официјално се води како студија на салонот во Париз, но ништо не му недостига за уште утре да се појави за трка пред семафор.
Додека стандардниот Pulsar ги издвојува просторната понуда во кабината и комфорното возење како предност во споредба со конкурентите во компакт класата, верзијата подготвена во Nissan Motorsport целосно се предава на моќта на погонот и на динамиката во возење. Pulsar Nismo ги прикажува своите тркачки аспирации со впечатлив спојлер напред во црвена боја, со големи отвори за воздух и со дифузор во опашот, со две дебели издувни цевки во средината. Сето тоа е зачинето со бандажи од 19 инчи и гуми 235/35.
За погонот се грижи верзија на 1,6-литарскиот бензинец со 218 КС, штотуку трансплантирана во Juke Nismo RS, којшто имаше светска премиера само неколку чекори подалеку на штандот на Nissan во Париз. Доколку компактниот Nismo во скоро време се најде во сериско производство, ќе ги има за противници Golf GTI, Seat Leon Cupra R и Renault Megane RS, со последниве двајца донеодамна зајадени околу рекордот на патеката во Нирбургринг. А против нив ќе бидат потребни уште неколку коњски сили повеќе.
















