за

Новата Skoda Fabia излегува од сенката на братот VW Polo

Третата генерација на Fabia пристига кога е најжешко во класата, заедно со новите Opel Corsa, Mazda 2, Hyundai i20 … Но, и покрај тоа, на чешкиот Polo ќе му биде полесно од кога било досега.

Зошто традиционалната марка од Млада Болеслава ја промовира новата генерација на Fabia толку гласно, се објаснува веднаш кога ќе се стави на ум дека моделот е втор најпродаван под знакот на Skoda, по Octavia. Со 3,5 милиони примероци, единствено големата лимузина што ја оствари трансформацијата на Skoda успеа да најде повеќе купувачи од Fabia, од нејзиното деби во 1999 година. Пропуст не смее да има – исто како што и досега не имало.

skoda fabia iii 13948337346Дизајнерите конечно го добиваат заслуженото значење во Skoda. Домашниот конкурент на VW Polo и лутиот противник на Corsa и компанија, за прв пат го внесува дизајнерскиот говор од студијата VisionC во сериски автомобил. Новата Fabia изгледа свежо, динамично, остро, технолошки напредно. Тоа е нов момент во кариерата на моделот. За неколкуте детали што прикажуваат агресивност и динамика својствени за многу посилните од Fabia, дизајнерите ја имаат како алиби долгата традиција на Skoda во мотоспортот, особено во релито.

Поголема кабина при помала должина на каросеријата

Свежината на новиот модел на Чесите доаѓа и од сменетата става. Третата Fabia е покуса за 8 mm од претходната, поширока за 90 mm и пониска за 31 милиметри. Во исто време, меѓуоскиното растојание се зголеми за 8 mm, додека ширината на трагата порасна за 30 милиметри на обете оски. Резултатот во внатрешните мери гласи: Плус 8 милиметри во должината на кабината, плус 21 mm во ширината на кабината напред, во висина на лактите, односно плус 2 mm назад. Порасна и багажникот за 15 литри и сега е рекордер во класата со 330 литри.

Ваквото рационално искористување на просторот во каросеријата во голем дел се темели и на концептот што е применет под предната хауба. Тука работат новите бензинци од генерацијата EA 211 и исто така новите дизели EA 288, како дел од модуларната платформа MQB. Основните верзии на бензинецот од еден литар и сите три понудени верзии на моќност на дизелот од 1,4 литар имаат по три цилиндри и се исклучително компактни. Колку важност се давало да се искористи секој милиметар покажува примерот со четирицилиндарскиот 1.2 TSI. Во споредба со претходникот, неговиот блок е 50 mm потесен, што го прави многу покомпактен, и дополнително е поставен под агол од 12 степени наназад, за да одзема уште помалку простор.

Потрошувачката кај новиот 1.0 MPI е намалена за 17 проценти

Сите четири понудени бензинци (1.0 MPI co 60 КС и 75 КС, 1.2 TSI so 90 и 110 КС) стандардно се опремени со систем старт стоп и повраток на енергијата при сопирање и се чисти според EU 6. Најголема заштеда е постигната кај новиот 1.0 MPI, којшто со просекот од 4,7 литри е 17 проценти поштедлив од претходникот. Моторот е воедно и исклучително лесен, само 72 килограми, и тоа се огледува во тежината од 980 килограми на моделската изведба со 1.0 MPI. Во комбинација со останатите мери за намалување на тежината, тоа се 65 килограми помалку во споредба со претходникот со истиот мотор.

Кај TSI е комплетно нова главата на моторот, вклучувајќи варијабилна работа на брегастото вратило на вшмукувачката страна и преоѓање на погон со запчест ремен. Притисокот на впрскување на горивото директно во цилиндрите е зголемен од 125 на 200 бари. Инженерите применија двокружен систем за ладење, со жешка и постудена секција – првата за ладење на моторот, втората за интеркулерот и за куќиштето на турбокомпресорот. Новитет кај 1.2 TSI е тоа што издувната гранка е интегрирана во главата, што служи за побрзо загревање на моторот, а со тоа и на кабината. Поефикасното ладење на главата ја намалува и температурата на издувните гасови, а тоа пак влијае врз намалување на потрошувачката, особено при повисоки вртежи.

Најштедливиот модел со дизел мотор GreenLine троши само 3,1 литри

Дизелите се дел од новата генерација ЕА288, со потрошувачка пониска до 0,7 литар. Подобрени се компонентите што се релевантни за издувот, како впрскувањето, турбонатполнењето и ладењето на издувните гасови. Како мери за намалување на внатрешното триење во моторот, клиповите имаат прстени со помала предзатегнатост и сменети се лежиштата на брегастото вратило. Катализаторот и филтерот за честички чад сега се вградени поблиску до моторот. Тивката и смирена работа е белег на новите дизели, што се постигнува со новите држачи за моторот, новото балансирачко вратило и двоинерцискиот замавник. Модификации во цел на стишување на работата се извршени и во капакот на моторот и во картерот. Притисокот на впрскување на дизелот е зголемен од 1.600 бари кај стариот 1.6 TDI на максимално 2.000 бари кај новиот 1.4 TDI. На крај, тежината е намалена за 28 килограми во споредба со 1,6-литарецот, што е намалување за 11 проценти.

skoda fabia iii 13948267346

За првпат во верзиите на Fabia со трицилиндарски мотори се вградува менувачот MQ100, којшто со 26,6 килограми е полесен за 7,5 kg во споредба со стариот MQ200 и во него содржи само 1,2 литар масло. Новата генерација мотори и менувачи во Fabia, заедно со преоѓањето на солиден дел од каросериските секции на челик со висока цврстина, се заслужни за „олеснувањето“ на моделот. Новитет во подвозјето е преоѓањето од електрохидраулично на електромеханичко серво за управувањето, полесно за 2,5 килограми и покомпактно, со помало влијание врз потрошувачката на гориво и со побрза реакција.

Новото управување оди во корист на зголемената динамика на Fabia

Новата Fabia има само 2,6 вртежи меѓу крајните положби на воланот, во споредба со 2,9 кај старата. Тоа е вредност што досега ја имаше само спортската Fabia RS. Електронската блокада на диференцијалот е стандард. При пониски брзини, таа се активира веќе при 0,15 G, додека кај втората генерација на Fabia RS беа потребни дури 0,6 G. Системот функционира на тој начин што при појава на подуправување се потсопира внатрешното тркало во свијокот и вртежниот момент се пренесува на надворешното тркало, со што се задржува динамиката во возење и се намалува ефектот на подуправување.

skoda fabia iii 13948117346Безбедносната опрема е на високо ниво во новата Fabia. Деби има системот за самостојно запирање при опасност од судир, со радарски сензор кој го следи сообраќајот пред возилото. Кога растојанието од детектираната пречкана патот ќе се смали под критичното, едноподруго се активираат четирите степени на предупредување – оптичко, оптичко и акустично, импулс во сопирачките и на крајот силно запирање. Системот работи меѓу 5 и 30 km/h. Новитет во Fabia е мултиколизиска сопирачка, којашто спречува возилото да продолжи да се движи неконтролирано по судирот, односно спречува натамошно доведување на патниците во опасност и доведување во нови критични ситуации. Безбедносниот пакет го комплетираат систем за препознавање замор кај возачот, ограничување на брзината, помош при поаѓање на нагорнина, диодни дневни светла и магленки со активирање во свијоци.

skoda fabia iii 13948157346

Во комфорната и функционалната опрема има премиера на пристап и стартување на моторот без клуч, предни паркинг сензори, автоматика на бришачи и светла, панорамски покрив со димензии 1,58 х 1,1 метар. Преоѓањето на модуларната платформа MQB ги донесе и новите клима уреди, коишто ја одржуваат температурата во кабината независно од условите на возење и од климатските услови. Поефикасно работи и автоматскиот Climatronic, којшто зема во предвид повеќе параметри за одредување на интензитетот и распределбата на воздухот за ладење или загревање на кабината, меѓу другото користејќи ги и податоците од сензорот за влажност што е вграден во ретровизорот.

Стартот на продажбата на новата Skoda Fabia е во ноември, а комбито следува во 2015 година. Исто како досега се нудат трите нивоа на опрема Active, Ambition и Style, в година следува верзијата Monte Carlo и штедливата верзиjа GreenLine.

Технички податоци
Skoda Fabia 1.0 MPI 44 kW
Мотор: 3 цилиндри, 12 вентили, 999 ccm, 60 КС при 5.000/min, вртежен момент 95 Nm при 3.000/min; Димензии: 3992 х 1732 х 1467 mm, меѓуоскино растојание 2.470 mm, ширина на трага напред/назад 1463/1457 mm, круг на вртење 10,4 m, багажник 330/1150 L; Тежини: Празно возило со возач 1055 kg, дозволена тежина 1.510 kg, носивост 530 kg, резервоар 50 L, тежина на приколка со сопирачки (до 12% нагорнина) 800 kg; Перформанси: 160 km/h, 0-100 km/h за 15,7 s, потрошувачка (град/пат/просек) 5,7/4,1/4,7 L/100 km, Емисија на СО2: 106 g/km

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Почнува трката за „Светски автомобил на годината“

Nissan Pulsar Nismo им пушта контра на Golf GTI и компанија