Peugeot воведе посебна понуда за електричниот e-208 на францускиот пазар. Под мотото „Le Loyer Sur Mesure“, во превод „наем по мера“, популарниот електричен модел се нуди по мошне достапна месечна рата, што дополнително го проширува кругот на корисници на возилото.
Верзија на Peugeot 208, еден од најпродаваните модели на европскиот пазар воопшто, со погон чисто на струја, во Франција се нуди по месечна рата од 150 евра. Таа цена важи доколку не се минуваат повеќе од 500 километри месечно. Но, посебноста е во тоа што при надминување на тој лимит, се плаќа само доплата за секој дополнително поминат километар.
Секој километар над лимитот на 500 километри месечно, чини 7 центи. Тоа значи дека корисничка или корисник, што на пример, за време на летниот одмор, во август, извози 1.500 километри со автомобилот во тој месец, ќе доплати само 70 евра за дополнителните километри. Во следниот месец, ратата на месечниот наем повторно изнесува 150 евра.
Французите ја имаат скроено оваа понуда и за останатите електрични модели, односно за e-2008 и e-308, што наскоро стартува со испорака.
Peugeot e-208 во меѓувреме претрпе неколку усовршувања во погонската техника. Во споредба со моделот со којшто пред две години ја извозевме прочуената мариовска тура, до Градешница, работи мотор со 100 kW (136 КС), додека новата изведба е значително посилна со 115 kW (156 КС). Заедно со зафатите во менаџирањето на батеријата, досегот е зголемен на 400 километри.
Наемот важи за 36 месеци. Првата рата, без одбитоци би требало да изнесува 12.650 евра, меѓутоа таа вредност на крајот се сведува на само 3.150 евра. Од првичната сума на ратата прво се одбива еколошки бонус во висина од 5.000 евра, потоа уште 2.000 евра од дилерот и уште 2.500 евра за откуп на стариот автомобил.
Според тоа, седнувањето зад воланот на Peugeot e-208 ги чини Французите 3.300 евра за прва рата и потоа по 150 евра месечно. За секој километар над лимитот се доплаќа 7 центи. По истекот на договорот, возилото се враќа на дилерот.
















