Ако може да ги совладува најтешките терени, зарем би го сопреле строгите еко-норми? Теренскиот класичар од оваа година е поштедлив, посилен, чист според Euro 6, со покомфорно подвозје, поубав…
Три и пол децении. Толку трае класата G на Mercedes. Поточно, толку години се минати откако беше претставен првиот „Geländewagen“, а самите автомобили веројатно ќе трајат најмалку уште толку. Затоа Mercedes и не го заменува класичарот на теренот со нова генерација, туку постепено го подновува, задржувајќи му ја „душата“. Последново освежување носи нов мотор V8 од четири литри во G 500, со директно впрскување и битурбо натполнење – да, точно така, моторот е од Mercedes-AMG GT и C 63 Тоа меѓу другото беше најавено претходно, со премиерата на салонскиот G 500 4×42.

За вградувањето во класата G, осумцилиндарецот претрпе неколку промени и ослободува 422 КС при 5.250 вртежи, во комбинација со максимален вртежен момент од 610 њутнметри при 2.250 вртежи. Промените се извршени со цел „бесниот“ мотор да се скроти за примена во култниот теренец, односно да се постигне порамномерно ослободување на моќноста и уште поубедливо повлекување. Карактеристично за моторот е тоа што турбополначите не се поставени однадвор на двата реда цилиндри, туку во просторот меѓу нив. На тој начин се постигнуваат покомпакти димензии на моторот, оптимална реакција на моторот и ниска емисија. Дополнително, кошулките на цилиндрите се изработени со сопствената технологија „нанослајд“, со двојно поголема тврдост од обичните кошулки од сив лив, за намалување на внатрешното абење, а со тоа и на потрошувачката на гориво.
Најсилниот во гамата на теренецот работи со 630 КС и 1000 њутнметри
Во истата насока се преработени и моторите во останатите моделски изведби. Дизелот во G 350 d сега работи со 245 место со 211 КС, а вртежниот момент се искачи од 540 на 600 Nm, „тркачкиот“ AMG G 63 ослободува 571 КС (+27 КС) и 760 Nm, за AMG G 65 да заокружи со 630 КС (+18 КС) и точно 1.000 њутнметри. Моделите G 350 d, G 500 и AMG G 63 стандардно поседуваат систем старт-стоп.
Непроменета останува „душата“ со носечка рамка, постојан погон на сите тркала, теренска редукција и три диференцијали со механичка блокада што може да се вклучува во возење. Новите амортизери овозможуваат подобра контрола на каросеријата и подобар комфор на асфалт, во комбинација со ново дотерување на ЕЅР, за поголема динамика и подобра стабилност на пат, како и оптимирани системи ASR и ABS, за подобрена тракција и покусо запирање. За G 500 се нуди и можност за избор на спортски или комфорен модус на подвозјето.

Надворешните промени се забележуваат во браниците и стандардните проширувања на крилата, лакирани во боја на каросеријата. Стандард кај G 350 d се алу-бандажи од 18 инчи со пет краци. Во не-AMG моделите има мултифункциски дисплеј од 11,4 сантиметри во таблата со инструменти, како и нов дизајн на стрелките и бројчаниците. Нов дизајн имаат и инструментите во моделите AMG. Се нудат и колор пакети, со ексклузивни лакови за каросеријата – solarbeam, tomatored, aliengreen, sunsetbeam и galacticbeam. Во тој случај, ретровизорите, браниците, проширените крила, прстенот на резервното тркало и покривот се лакирани во црно, додека штеповите во кабината се изведени во тон со каросеријата.
Вообичаено, за секој старт на нов модел и секое освежување има и специјален модел. во случајов, тоа е Edition 463, со двобојна арматурна табла и седишта во најблагородната кожа што ја вградува Daimler, со украсни делови од карбон и рачки во вратите што се обложени со мека телешка кожа. Ексклузивната појава ја заокружуваат заштита на подвозје од благороден челик, странични ленти во стил на AMG, заштитни лајсни во црн алуминиум и ковани бандажи од 21 инч. Специјалниот модел Edition 463 е достапен само во AMG-изведбите G 63 и G 65. Mercedes стартува со нарачки во јуни/јули.
Основни технички податоци за Mercedes G-Class
| Модел | Цил | ccm | kW/КС | Nm | 0-100 km/h во s |
| G 350 d | 6V | 2987 | 180/245 | 600 | 8,9 |
| G 500 | 8V | 3982 | 310/422 | 610 | 5,9 |
| AMG G 63 | 8V | 5461 | 420/571 | 760 | 5,4 |
| AMG G 65 | 12V | 5980 | 463/630 | 1000 | 5,3 |
















