Автомобилот што го возеа големи тркачки имиња, како Стирлинг Мос, на наддавањето во Париз достигна највисока цена за автомобил во историјата. Ferrari 335 S Spider Scaglietti е првиот автомобил што постигнал просек од 200 km/h на Леман.
Како што се очекуваше, тркачко Ferrari од средината на 1950-те години достигна рекорд како најскап автомобил во историјата, на наддавањето што се одржа во Париз, со вредноста од 32 милиони евра. Легендарниот Ferrari 335 S Spider Scaglietti беше способен да достигне 300 километри на час во 1957 година. Тој ја заврши трката во Леман на второто место, една година пред да стане прв автомобил во историјата што постигнал просечна брзинаод 200 километри на час на патеката во Леман. За жал, автомобилот не ја заврши беспоштедната трка на француската патека, но продолжи да ја гради историјата со легендарни имиња зад воланот, како Стирлинг Мос.
Францускиот колекционер и тркач Пјер Бардино го купи скапоцениот примерок во 1970 година и истиот остана во семејна сопственост до наддавањето. Бардино почина во 2012 година, по што семејството реши да го продаде автомобилот заради подмирување на даноците за наследство. Наддавањето предизвика огромен интерес кај колекционерите од цел свет. Марсел Масини, прочуениот историчар за Ferrari, го опиша автомобилот како „top of the top“. Вредноста брзо достигна 25 милиони евра, за на крајот наддавањето да заврши на 28 милиони евра. Со вклучена провизија и давачки, крајната вредност на овој Ferrari изнесува 32 милиони евра. Со тоа, Ferrari 335 S Spider Spaglietti го надмина рекордот на Ferrari 250 GTO, кој во 2014 година достигна вредност од 30 милиони евра.
Автомобилот е произведен во 1957 година и задвижуван е од 3,8-литарски мотор V12 со моќност од 365 КС. Тркачкиот Ferrari заврши на шестото место на 12-часовната трка во Себринг, а потоа заврши втор на Миле Миља. Потоа, „тројниот S“ се врати на доработка во работилницата во Маралено, кадешто работната зафатнина на моторот беше зголемена на 4,1 литри, додека моќноста порасна на 406 КС. Во оваа форма, тој се појави на Леман, беше четврти на шведското гранпри и втор на венецуелското гранпри, со што Ferrari ја освои шампионската титула во конструктори во 1957 година.
















