Марката со бикот има големи очекувања од идниот теренец. Според шефот Стефано Доменикали, „суперспортскиот“ теренец Urus ќе ја удвои продажбата на 7.000 примероци, откако Lamborghini ќе стартува со продажбата на овој модел.
Во интервју за гласникот на браншата Automotive News, Доменикали изјави дека неговата марка до крајот на годинава ќе достигне продажба од најмногу 3.500 примероци. Ланската година беше рекордна за Lamborghini со 3.245 продадени примероци. Но, големите очекувања на марката од Сант Агата не завршуваат тука. Болоњезите со нетрпение го исчекуваат серискиот старт на суперспортскиот теренец, којшто треба да им донесе удвојување на продажбата.
Доменикали во интервјуто изјави дека од Urus очекува да учествува со половина во продажбата на Lamborghini во првата полна година на неговото присуство на пазарот, односно во 2019 година. Тоа значи дека продажбата на Lamborghini ќе се удвои на најмалку 7.000 примероци. Заради зачувување на екслузивноста, класичните спортски модели на Lamborghini нема да се произведуваат во повеќе од 3.500 примероци, но лимитот нема да важи и за спортскиот теренец Urus, чијашто продукција ќе се раководи слободно според побарувачката на пазарот.
Идниот суперспортски теренец покрај Huracan и Aventador ќе биде дериват од концептот Urus и ќе стартува со продажба во 2018 година. Под хаубата ќе работи четирилитарски V8 со битурбо натполнење, а се планира и верзија со плагин-хибриден погон. Најголем пазар за теренецот во понудата на спортската марка ќе бидат Соединетите Американски Држави, кадешто Lamborghini лани продаде близу една третина од вкупната продукција.
















